Милијардерот Ричард Бренсон изјави дека е неопходен заем од британската влада за да може неговата авиокомпанија Virgin Atlantic да застане на здрави нозе.
Во писмото до вработените, објавено во понеделник, Ричард Бренсон рече дека Virgin Atlantic ќе направи сé што може за да продолжи со работа во текот на пандемијата.
Но, исто така, тој напомена дека е потребна државна поддршка како одговор на тешката неизвесност околу патувањето, а не знаејќи колку долго авионите ќе останат приземјени.
Тоа би бил комерцијален заем, за кој тој истакна дека „нема да бидат бесплатни пари бидејќи авиокомпанијата би ги вратила назад“.
Инаку, оваа изјава следеше откако ривалската британска компанија EasyJet на почетокот на овој месец доби државна помош од 600 милиони фунти.
Бренсон одговори и на неодамнешните критики за тоа како тој управувал со кризата предизвикана од Ковид-19.
Тој рече дека на Virgin Australia исто така и е потребна финансиска поддршка за надминување на последиците од пандемијата, предупредувајќи дека ако австралиската гранка на неговата компанија не успее да се извлече од кризата, ривалот Qantas „ќе има монопол над австралиското небо“.
Virgin Australia, која работи со загуба во последните седум години, е на работ на банкрот заради коронавирусот и долгот од 3.2 милијарди долари.
Во писмото, Бренсон вели дека во бизнисот е веќе пет децении, но дека ова е „најголемиот предизвик со кој некогаш сме се соочиле“.
Минатиот месец, Virgin издвои 250 милиони долари за да им помогне на своите компании и да ги заштити работните места. Групацијата има повеќе од 70.000 вработени во 35 земји.
Бренсон кажа и дека неговото лично богатство и паричните средства кои ги поседува Virgin Group сега се реинвестираат назад во неговите компании.
Тој исто така рече дека ќе се обиде да собере пари преку својот приватен остров – Necker Island – и друг приватен имот со цел да спаси повеќе работни места.
Бренсон нагласи и дека неговиот приватен остров на Карибите ќе биде ставен под хипотека за да се соберат доволно пари за компанијата.