Секојдневните важни информации за опасностите и за справувањето со корона вирусот редовно доаѓаат и до околу 6.000 глуви и наглуви лица во Македонија. Сето ова е најмногу благодарение на ангажманот на околу тринаесетина толкувачи на знаковен јазик кои што редовно го интерпретираат она што официјалните лица го кажуваат на конференциите за печат.
Тоа е многу потребна и доблесна работа. Секако, тоа не е ни малку лесна работа.
-Кога постои желба да им се помогне на глувите и наглувите лица, тогаш и тоа се издржува. Сето ова почна со нивните барања да бидат благовремено информирани за да не чекаат вечерните вести на телевизиите кои имаат преведувачи на знаковен јазик, ни вели Викорија Волак, еден од сертифицираните преведувачи која прва го „скршила мразот“ на конференциите за печат.
Тринаесетина преведувачи на знаковен јазик, од кои најголем дел се од Скопје, се ангажирани преку Сојузот на глуви и наглуви лица. Брзите случувања со ширењето на опасниот вирус не дале доволно време да се подготват бидејќи лексичкиот фонд на знаковниот јазик не е голем и прилагоден на термините кои што сега се употребуваат.
- Она што како новости се кажува и одговара на новинарските прашања буквално симултано го преведуваме на знаковен јазик. До сега многу пати сме се соочувале со ситуација да се каже некој збор за кој се нема диретна ознака во знаковниот јазик. Таков беше случајот со зборовите „алгоритам“, „кластер на пациенти“, „антигени“, кои што често се употребуваат. Во такви ситуации се снаоѓаме и описно ги објаснуваме, ни вели Викорија Волак.
Интересно е дека знаковен симбол за корона вирус е сличен на графичката претстава на вирусот која е објавена во медиумите. Тој е составен од една стисната тупаница додека зад неа е другата тупаница но со раширени прсти. Ваков симбол е меѓународен и е воспоставен брзо откако вирусот почнал да се шири во кинескиот град Вухан.
- Некогаш со знаковен јазик побрзо го интерпретрираме она што се кажува на конференцијата за печат отколку што му е потребно време на говорникот. Некогаш ни се потребни повеќе знаци и повеќе време. Најважно е што овој знаковен јазик го разбираат сите наши сограѓани од различни националности во земјава – и Македонци, и Албанци, Роми, Турци… Заради тоа иако сме често исцрпени по преводите кои ги правиме, задоволни сме бидејќи глуви и наглуви лица добиваат навремени корисни информации, потенцира Викторија Волак за „Скопско ехо“.