Евтините летови заминуваат во историјата, предупредува ИАТА.
Голем дел од авиокомпаниите се уште ги имаат приземјено своите авиони. Но, откако повторно ќе може да се лета, цените на билетите би можеле да скокнат за најмалку 50 проценти, предупредува Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА).
Како главна причина се споменуваат тековните предлози за социјалната оддалеченост на превозниците, тие може да бидат принудени да остават празни некои од местата во авионот, а тоа во голема мера ќе влијае на профитабилноста.
Некои компании веќе започнаа да го „подготвуваат патот“ за новата реалност. Така на пример, авиокомпаниите Делта и ИзиЏет веќе објавија дека ќе ги отстранат местата од среден ред за извесен временски период, со цел да има безбедно растојание меѓу патниците.
Хартиените менија, како и списанијата во авионите, исто така, остануваат во минатото.
Дури и оброците во летот ќе изгледаат многу поинаку, велат експертите. Американ Ерлајнс објави дека нема да им обезбеди на патниците пијалоци или храна на домашните летови, само за меѓународните.
Јунајтед Ерлајнс ќе им понуди на клиентите пакети кои претходно се спакувани и запечатени, додека Делта ги охрабрува патниците да си носат свои производи за да „го намалат физичкиот контакт меѓу клиентите и вработените“.