Доколку поради пандемијата останавте дома или продолживте да работите од дома, тогаш најверојатно ви беше потребно време за да може да се прилагодите на новонастанатата ситуација. Иако пандемијата сè уште нè потсетува дека е присутна, сепак властите ги олабавуваат мерките, па некои работодавачи одлучуваат своите вработени да ги вратат на работните места.
И понатаму внимателни за своето здравје
Едно е сигурно, а тоа е дека коронавирусот нè натера да ги зајакнеме хигиенските навики и да станеме повеќе претпазливи за своето и здравјето на луѓето околу нас. Тоа ќе значи дека штом се вратите на работа, почесто ќе ги миете рацете, постојано ќе го бришете бирото и ќе го дезинфицирате компјутерот, ќе носите заштитна маска додека патувате од дома до работа и обратно.
Враќање на старите навики за работа
Можеби во изминатиот период додека работевте до дома, од една страна ви беше полесно, сепак ви недостасуваа старите навики, канцеларијата, колегите. Иако социјалната дистанца ќе биде основата за заштита што треба да ја имаат работодавачите кога ќе ги вратат вработените на своите места, сепак добро е што ќе можете да воспоставите рутина што вам ви одговара.
Време за нови промени
Светот сè погласно зборува дека не сака да се врати на времето од пред пандемијата. Затоа, враќањето на работа може да го искористите како нов почеток, да внесете промени, подобро да се организирате, да направите сè она што може да ја зголеми вашата продуктивност и креативност. Искористете ја приликата за да си докажете дека сте ја одбрале вистинската професија и оваа “принудна пауза“ само е доказ дека ќе продолжите понатаму со нови сили и нови идеи.
Помалку стрес, повеќе уживање во работата
Имајќи предвид дека милиони луѓе ширум светот останаа без работа поради кризата, бидете среќни што имате прилика да се вратите назад. Тој факт нека ве води и низ сите потешкотии и предизвици што ви претстојат на професионалниот пат. Стресот повторно ќе биде присутен, но треба да научите како да се “носите“ со него. Постојат техники со коишто ќе успеете да се справите со стресни ситуации и да се ослободите од неговото штетно влијание.