Министерката за транспорт на Италија соопшти дека поради потребата од социјално дистанцирање, кое и натаму ќе остане на сила, помалку луѓе ќе можат да се возат во автобус и трамвај, што ќе ги присили граѓаните да размислат за други алтернативи за возење, пренесува Poslovni.hr.
Италијанската влада ќе ги субвенционира граѓаните за набавка на нов велосипед или електричен скутер со 500 евра, објави министерката за транспорт, Паола Де Микели.
Таа рече дека мерката ќе биде дел од стимулативниот пакет од 55 милијарди евра за заздравување на економијата.
Субвенцијата ќе биде ограничена на граѓани на градови со најмалку 50.000 жители и има за цел да ја стимулира „зелената мобилност“ по укинувањето на мерките за сузбивање на пандемијата.
Владата планира и измени во патните ознаки со цел да им се олесни на градските власти да создадат нови ленти за велосипеди, рече Де Микели.