Грција овој викенд ќе отвори 515 организирани плажи, што се смета за клучен тест во борбата за почеток на туристичката сезона, пишува Гардијан.
На плажите ќе биде забрането спорт, музика и алкохол, а поради потребата за одржување на физичко растојание, ќе бидат дозволени само 40 лица на 1.000 метри квадратни.
Чадорите ќе треба да бидат оддалечени минимум четири метри еден од друг, при што само две лежалки можат да бидат заедно. Во рестораните и баровите на плажа, каде што на персоналот му се порачува да носи маски, ќе може само да се купи храна или пијалок.
За непочитување на правилата предвидени се парични казни од 5.000 до 20.000 евра, а истите ќе бидат трипати повисоки доколку се повтори делото, најави заменик министерот за безбедност, Никос Хардалиас, додавајќи дека компаниите кои не го почитуваат законот ќе бидат затворени прво на 30, а потоа и на 90 дена.
Туризмот како гранка се проценува дека учествува со 25 проценти во вкупниот БДП на Грција.