Одделите за човечки ресурси преживуваат еден од најголемите предизвици во време на здравствената криза. Исправени се пред задачата да обезбедат безбедност за своите вработени, да обезбедат услови за работа од дома и притоа работата да носи задоволство што секако ќе ја одржи или зголеми продуктивноста. Улогата на Човечки ресурси и во време на вонредни услови и потоа е од круцијална важност за одржувањето на континуитетот на работењето. Повеќе од два месеци А1 Македонија работи и функционира од дома и нема ниту еден процес загрозен од новонастаната состојба. Надоместоците се исплаќаат навремено и во целост, а бремените и хронично болните се ослободени од работа. За грижата за вработените и улогата на човечки ресурси во времe на криза разговараме со Стефан Јовановски, директор на одделот за човечки ресурси во А1 Македонија.
Како функционираат вработените во А1 Македонија во време на кризата?
Вработените во А1 Македонија се докажаа како вистински херои кои успеваат работните обврски да ги извршуваат успешно во услови на едно многу сложено опкружување. Во изминатиот период успеавме како компанија да обезбедиме непречен тек на работните процеси иако поголемиот дел, односно 70% од вработените работат од дома веќе два месеци. Уште од самиот почеток на оваа криза ние, заедно со нашиот менаџмент, ги подготвивме сценаријата за работа во состојба на криза, при тоа обидувајќи се да осигураме услови за секој вработен да може успешно да ги извршува работните задачи. Еден дел од нашите вработени останаа на своите работни места и за нив се погриживме да имаат безбедни услови за работа и секако да бидат добро заштитени во нивниот контакт со надворешни корисници.
Како вработените ги прифатија промените?
Овие промени и кризата поврзана со корона вирусот кои го зафатија светот и сите компании се без преседан. Никој од нас, како човек, граѓанин и вработен немал очекувања дека нашиот живот и работата би се променилe на овој начин. Одделот за човечки ресурси во соработка со останатите оддели направија проценка на потребните алатки и подготвителни сценарија за работа од дома, од обезбедување на пристап до мрежа, совети и инструкции за работа од дома до техничка опрема за новиот „home office“. Бевме свесни дека ќе дојде момент кога целосно ќе работиме од дома и тоа ни даде можност да се подготвиме за промената која доаѓа и на тој начин се обидовме да ги подготвиме нашите колеги. Вработените, водејќи се од грижата за своето здравје и здравјето на најблиските, позитивно ги прифатија овие промени кои беа неизбежни.
Дали беше тежок процес да се префрлат вработените во модел на работа од дома?
Ние уште од минатата година промовиравме програма на флексибилно работно време и флексибилност на локација од која ќе се работи. Еден дел од нашите колеги веќе оттогаш успешно го практикуваат овој начин на работа. Дополнитенло, предоста да се работи во А1 Македонија е тоа што имаме агилен пристап на работа кој ни овозможи лесно да се приспособиме со веќе постоечкото искуство на работа од дома и алатките на онлајн комуникација. Исто така, следејќи го развојот на состојбата со вирусот, уште во средината на февруари почнавме со организација на процесот за префрлувањето дома. При тоа, бевме свесни дека само покривањето на техничкиот аспект во работењето од дома не е доволно во време на криза, па затоа се погриживме да воспоставивме и системи на поддршка кои служеа за помош на вработените при оваа транзиција. Процесот на промена од едно секојдневие на кое сите бевме навикнати со активности како утринското кафе со колегите, состаноците, групните проекти, заедничките ручек паузи не беше лесно и верувам дека на повеќето им недостига. Затоа се потрудивме да бидеме што поприсутни и навремено да ги информираме вработените преку комуникација со сите нови информации и промени во мерките кои доаѓаа, односно да го задржиме нормалниот тек на работа дури и од домашни услови.
Мoжно ли е да се направи баланс помеѓу приватниот и деловниот живот кога се работи од дома? Што им препорачувате на вработените?
Да се направи баланс помеѓу приватниот и деловниот живот е предизвик со кој сите се соочуваме во овој период работејќи од дома. Нашата компанија вработува повеќе од 1.000 вработени од различни категории и сметам дека секој од нив се соочува со уникатни индивидуални предизвици. Нашите приватни животи во овој модел на работа стануваат експонирани пред нашите колеги. Едноставно не можеме да го спречиме споделувањето на тој дел од нашиот живот кога нашата канцеларија е една просторија во домот. За да се направи подобар баланс помеѓу двете работи би им препорачал на колегите најпрво да обезбедат простор за работа и да го направат удобен, да разграничат во кое време ќе ги извршуваат работните обврски според нивните можности, да се обидуваат да прават пауза за ручек која нема да биде пред нивниот компјутер и секако да испланираат време во денот со своето семејство и за физичка активност.
Дали спроведовте специјални програми за вработените и на кои теми?
Уште од почетокот на ова непредвидливо време фокусот на Службата за човечки ресурси беше одржувањето на врската со вработените и нудејќи помош и поддршка при работењето од дома. Отворивме и нов канал за комуникација за сите прашања поврзани со мерките ask.hr@a1.mk. Дел од нашиот тим во почетокот на работењето од дома интензивно спроведуваше обуки со лидерскиот тим со цел да им понуди поддршка во раководењето во време на криза, а за да го оддржиме емоционалното и менталното здравје кај секој вработен ја започнавме и TogetherWithYou Talks програмата која овозможи психолошка поддршка на сите вработени како и обуката за алатки за идентификација на стресогени фактори и справување со нивните последици. Фидбекот од вработените ни е особено значаен, затоа спроведовме и прашалник за Check-in со вработените. Понатаму, обезбедивме материјали за користење на есенцијалните алатките за комуникација како Skype for business и Microsoft teams, како и голем број на материјали за учење од врвни светски извори. Кампањата за 50.000 часови учење продолжи и во овој период со содржини прилагодени за полесно совладување на новиот начин на работа. Го организиравме и првиот дигитален Guru Talks за нашите вработени и подготвивме актуелни теми за учење; алатки за комуникација и следење на задачи и дигиталната акселерација во време на корона кризата.
Ако на почетокот на кризата сите се привикнувавме да работиме од дома, дали можеби сега тоа ќе стане нов нормален начин на функционирање?
Ова е светска дебата на која сигурно и вие како компанија имате свои согледувања. Кои се тие? Оваа криза имаше голем ефект врз целиот бизнис сектор со тоа што ја драстично ја забрза дигиталната трансформација на процесите и ги присили повеќето индустрии и нивните вработени на голема промена со новите модели на работа. А1 Македонија веќе подолго време е поддржувач на дигиталната трансформација и дигитализација на процесите, така што имавме предност во однос на останатите. Нашите практики на Flexi time и Flexi Place овозможија нашите колеги да имаат користено модели на работа од дома и флексибилност во работното време. Но нам ни е јасно и се’ повеќе станува очигледно дека во намера да се придржуваме до новите стандарди за спречување на ширењето на вирусот, наскоро нема да се вратиме во условите кои до неодамна ни беа познати и во кои бевме навикнати да функционираме и ќе влеземе во „нова нормала“. Не смееме да ризикуваме со здравјето на нашите вработени и затоа и во следниот период ќе практикуваме модели на функционирање кои поддржуваат работа од дома и флексибилност, кои ќе бидат реалност и во следниот период.
Имајќи ја предвид актуелната состојба и психолошкиот момент, на која тема треба да се фокусираат одделите за Човечки ресурси во македонските компании?
Како што спомнавме, претстои една „нова нормала“ во која светот ќе функционира во следниот период. Тоа значи дека ниедна деловна функција нема да остане непроменета од оваа криза, како и HR процесите. Ваквата ситуација ни даде одлична можност да ги преиспитаме нашите приоритети во функционирањето на HR како оддел и неговата функција во една компанија. Нашите согледувања се дека учењето и развојот се’ уште се приоритет (и се потребни како никогаш до сега) во било која форма: онлајн тренинзи, читање, менторинг, коучинг и претстои промена и во содржините и во начинот на кој учиме. Понатаму, голем осврт треба да се даде на менталното здравје и добросостојбата на вработените бидејќи овие промени кои ги живееме, како преминот на работа од дома, неизвесноста со времетраењето и опфатноста на кризата, балансирањето помеѓу приватниот и деловниот живот предизвикуваат анксиозност, а ние сакаме да имаме среќни и задоволни вработени. Исто така, зголемената употреба на дигитални алатки треба да ги поттикне HR одделите да размислуваат за начините на дигитализација на процесите и надградување на вештините на вработените во оваа насока предвидувајќи ги идните потреби и очекувања од секое работно место. Ова е само еден дел од активностите и програмите на мојот тим, и би сакал да упатам голема благодарност до сите членови на тимот за напорите во овие времиња да се одржи воспоставениот висок стандард на пружање на подршка на целата компанија но и амбицијата да се понудат некои дополнителни содржини прилагодени на состојбата со вирусот.