Американското деловно списание Бизнис Инсајдер објави список со 30-те најдобро платени работни места во иднината. Списокот е составен врз основа на податоците од Службата за вработување на САД.
На списокот доминираат работни места од областа на медицината и технологијата. Тој беше составен врз основа на претходен раст на платите во разни занимања. Станува збор за исклучително платени работни места чии износи се веќе повисоки од просечната годишна плата од 39.810 долари, колку што изнесуваше во 2019 година.
Меѓу петте најплатени работни места се аналитичар за управување, финансиски менаџер, генерален директор, експерт за развој на софтвер и апликации и медицинска сестра, пишува Бизнис Инсајдер.
Минатата година просечната плата на аналитичарот за управување беше повеќе од 85.000 американски долари, финансиски менаџер скоро 130.000 американски долари, генерален менаџер 101.000, експерти за развој на софтвер и апликации 107.500 долари, и медицинска сестра 73.300 долари.
Се проценува дека голем број луѓе ќе ги извршуваат овие занимања во наредните осум години. Најголем пораст ќе има во бројот на медицински сестри - 371.500.