Доколку сте на патување во странство, можеби си го поставувате прашањето дали при плаќањата може да користите готовина или платежна картичка. Секако, полесно и побезбедно е да користите картичка за плаќање, наместо со себе да носите готовина, но сепак треба да бидете внимателни.
Пред да заминете на одмор, информирајте се во банката од којашто имате картичка, дали се нудат одредени поволности за плаќање со картичка во странство. Дебитните картички овозможуваат плаќање и подигнување готовина до висина на средствата што корисникот ги има на сметка, а одредени банки дозволуваат и користење на дозволен минус при престој во странство.
Висината на провизија при користење на банкомат во странство се разликува во зависност од видот на картичката, износот што се подигнува, како и ценовната политика на банката. Доколку не можете да платите директно со картичката во продажниот објект и мора да извадите пари од банкомат, тогаш користете дебитна картичка бидејќи провизиите најчесто се пониски во однос на оние за кредитните картички.
Провизијата за подигнување пари од банкомат во странство е во утврден износ што не е поврзан со износот на пари што се подигнуваат, па во пракса се случува провизијата да биде повисока од износот што се подигнува од банкоматот.
Доколку се земе предвид провизијата за користење платни картички, поповолно е да се користи картичка во продажниот објект, односно плаќање преку POS терминал. При директно плаќање со дебитна картичка најчесто не се наплаќа провизија, но во случај кога постои, таа е значително пониска од провизијата за користење банкомат. Пред самото плаќање, корисникот треба да провери дали во тоа продажно место има тип од картичката што ја поседува. Тоа најчесто може да се утврди преку налепници поставени на продажниот објект.
Доколку поседувате платежна картичка што гласи на денарска сметка, мора да ги земете предвид трошоците за конверзија на валути, чија висина е различна кај секоја банка. Нема да се појават трошоци за конверзија доколку корисникот поседува девизна сметка на истата платежна картичка.
Доколку платежната картичка е поврзана само со денарска сметка, банката, по извршената конверзија, автоматски ќе ги резервира средствата на корисникот во соодветната денарска противвредност. Но, ако се направи резервирање на средствата, тоа не значи дека банката го наплатила износот, туку само дека корисникот нема можност да располага со тие пари.
Доколку трансакцијата се врши во момент кога платниот промет не функционира (навечер или во текот на викендот), банката го прави задолжувањето за износ во денарска противвредност по курс што е важечки за тој ден. Со други зборови, доколку во меѓувреме има промена на девизниот пазар, односно до пад на вредноста на денарот, средствата што ќе бидат симнати од сметката на корисникот ќе бидат повисоки од оние што претходно беа резервирани.
Во случај корисникот да ја изгуби својата картичка во странство, важат истите правила како тоа да се случило во својата земја, односно веднаш да се извести банката што ја издала сега веќе изгубената картичка за да може да се блокира и да не се дозволи нејзина злоупотреба.