Со лошите манири, деловните луѓе можат да остават лош впечаток на соработниците, колегите и партнерите, а со тоа можат да си го загрозат бизнисот. Токму затоа денес бонтонот е неопходен во деловниот свет.
Бизнис бонтон, може да се дефинира како збир на општо прифатени правила на однесување засновани на социјални норми и е важен сегмент на деловната култура на секое работно опкружување. Бонтонот е книга или кодекс на однесување кон кој треба да се придржува секој член на општеството. Првиот впечаток е важен и често кажува многу за некоја личност. Замислете да одите на интервју за работа или на интервју со многу важен клиент. Што е тоа што сакате да го претставите на другата страна? Покрај добрите комуникациски вештини, секое лице кое се грижи да остави добар впечаток ќе се придржува до следниве правила на однесување.
Ракување
“Ракувањето“ со лакти стана синоним за поздрав во време кога владее страв од ширење на заразната корона. Но, тоа нема да биде само моментален тренд, туку начин на којшто бизнисмените ќе се поздравуваат кога ќе се сретнат или запознаат.
Токму овој тренд на “ракување“ би можел да прерасне во навика во деловниот свет како последица од кризата што ја предизвика коронавирусот. Така, бизнисмените ќе покажат почитување кон своите деловни партнери, соработници или клиенти, а од друга страна ќе се заштитат себе и нив од евентуална зараза.
Поздрав
Без разлика колку долго ги познавате колегите, “Добро утро” или “Добар ден” нема ништо да ве чини. Навистина, не морате секое утро да се ракувате со своите колеги, но не треба да заборавите на поздравот.
Запознавање и претставување
Кај запознавањето и претставувањето важно е да се знае дека мажот прво се претставува на жена, a ако седи треба да стане. Жената се претставува пред мажот прво ако мажот е на повисоко хиерархиско скалило. Помладите луѓе им се претставуваат на постарите луѓе.
Испраќање електронска пошта
Кога испраќате и- мејл треба да започнете со Почитуван (име). Содржината не треба да биде предолга и лошо формулирана. Пред да почнете да го пишувате мејлот размислете за тоа што сакате да напишете и каква порака сакате да испратите.
Деловното писмо се состои од:
воведни зборови (почитуван-а)
вовед (причината зошто го праќате писмото)
завршеток (изразување надеж да соработка)
поздрав со потпис