Реформите во областа на грижата за стари и изнемоштени лица и состојбата на пазарот на трудот беа централните теми на прес-конференцијата што се одржа во центарот на австриската влада во Виена од министерот за здравство и социјална заштита Рудолф Аншобер и министерот за труд Кристин Ашбахер.
Аншобер најави реформа во областа на грижата за стари и изнемоштени лица.
„До крајот на јануари треба да биде подготвен сеопфатен и значаен пакет мерки“, рече Анчобер, пренесува „Вечерњи лист“.
Тој истакна дека во Австрија медицинскиот персонал е дефицитарна работна сила и дека всушност тој е најважен.
„Во моментов имаме 127.000 луѓе кои работат во областа на грижата, но повеќе од 30 проценти се постари од 50 години и ќе заминат во пензија за околу 10 години“, рече австрискиот министер за социјална заштита, додавајќи дека до 2030 година ќе им бидат потребни не помалку од 100.000 нови медицински сестри.
Аншобер истакна дека тоа може да се постигне само со „преквалификација“ или едукација на одреден број луѓе за таа професија. И со овозможување влез во полето на грижа „без никакви бариери“ со фокус на „оние 7 проценти кои се образовани за таа работа, но во моментов не ја вршат својата работа“, од различни причини, вклучително и финансиски. Тој посочи на потребата од зголемување на платите на вработените, без кои тоа е невозможно во областа на здравството и грижата.
Министерот за труд Ашбахер рече дека владата издвои 700 милиони евра за „корона-офанзива“ за спасување и отворање нови работни места.
„Грижата и здравството се потпора на новиот пакет за финансиска поддршка“, истакна Ашбахер. Таа додаде дека во оваа област во моментов има 10.000 невработени. Таа најави создавање на нови 7.000 работни места за медицинскиот персонал.
Посебна офанзива во таа насока беше иницирана од Австриската служба за вработување (АМС) заедно со Министерството за труд, кое и покрај корона кризата, веќе започна со дополнителна обука на невработените за овие многу барани, но дефицитарни занимања во Австрија.
Како што потенцираше министерот, невработените и лицата регистрирани во АМС кои се вклучиле во процес на дополнително образование или доквалификација за медицинска професија, може дополнително да побараат и бонус за невработеност покрај надоместокот за невработеност.
„Австрија има огромна потреба од работна сила во областа на здравството и грижата“, рече Ашбахер. Таа додаде дека и покрај тешките последици што ги остави корона кризата на пазарот на трудот, таа сепак е „динамична“ и привлечна, пред се за техничкиот и информатичкиот персонал.