Според сознанија на faktor.mk, после неколкуте состаноци на Економско социјалниот совет, се уште не е постигната согласност како точно би изгледале законските измени. Имало и неусогласеност меѓу двата синдикати, Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати. За организацијата на работодавачи, пак, прифатлив е последниот предлог на еден од синдикатите, но не е познато дали тоа ќе биде и конечното владино решение.
Односно, КСС предложиле во Законот за работни односи да се додаде измена дека недела ќе биде неработен ден за сите работници, а оние што ќе треба да работат во недела, да им се плати дневница која ќе биде за 35 отсто повисока од редовната. Но, според работодавачите, тоа е многу штура законска измена, која не прави разлика меѓу различните видови на професии и компании. Или поконкретно, постојат три вида на компании.
Првата категорија се оние каде што поради технолошкиот процес во нив, на пример во индустријата каде што не смеат да се изгасат печките, неделата се смета како и секој работен ден, со тоа што таму се работи на смени, на пример сите работници работат по четири дена, па потоа два дена се слободни, и тоа за нив важи без оглед дали е недела или друг ден.
„Во таков случај, не може да се бара во недела на работникот да му се плати дневница повисока за 35 отсто, бидејќи тој работник секако ќе биде потоа слободен, на пример, во наредната среда или четврток“, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.
Вториот тип на компании се оние каде е нормално недела да биде неработен ден, на пример во текстилот или во некои други дејности, и таму газдите само по исклучок можат да ги повикаат работниците на работа, и да им платат дневница повисока за 35 отсто.
И, третиот тип на дејности се сезонските, на пример во земјодеството, или градежништвото, каде што, според работодавачите, доколку се инсистира недела да биде неработен ден, ќе пропадне сезоната, и тоа ќе биде штетно за работењето на овие деловни субјекти.
Целиот текст прочитајте го на faktor.mk