Новини во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои треба да ги знаат учесниците во сообраќајот
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и секој друг закон е жива материја која постојано се менува и дополнува согласно новонастанатите услови и утврдените фактички состојби и потреби при неговата секојдневна примена.
Со цел информирање на учесниците во сообраќајот Републички совет за безбедност на сообраќајот (РСБСП) со појаснување на најновите измени на ЗБСП кои веќе стапија во сила.
Во прв план, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се усогласува со Законот за прекршоци со што во голем дел се намалува висината на предвидените парични санкции за сторен сообраќаен прекршок. Притоа важно е да се потенцира дека за оние сообраќајни прекршоци кои спаѓаат во групата на животозагрозувачки, (возење под дејство на алкохол, непочитување на правилата за ограничување на брзината, итн.) висината на предвидените парични санкции за сторен прекршок останува непроменета. Согласно тоа, освен наведените прекршоци дефинирани како животозагрозувачи, за останатите прекршоци, највисока парична санкција за физичко лице, за сторен сообраќаен прекршок, изнесува 250 евра во денарска противвредност.
Новина во делот на санкционирањето е и тоа што се укинуваат таканаречените “негативни поени“ кои досега се впишуваа како замена за изречена парична санкција за сторен сообраќаен прекршок.
Покрај тоа, измените на ЗБСП предвидуваат и низа други новини од кои посебно се издвојува тоа што се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет. Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат:
- Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.( се забранува движење со тротинет на коловоз)
- Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h., додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 km/h.
- Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.
- Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото ( треба, но нема санкција за не носење).
- Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
- На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.“
Друга новина во ЗБСП е тоа што возрасната граница за издавање на возачки дозволи изнесува 75 години, наместо 70 како што беше досега со тоа што возач на моторно возило кој наполнил 75 години возраст, задолжително подлежи на контролен здравствен преглед во временски интервали кои не можат да бидат подолги од пет години.
Исто така, Законот предвидува и можност за одземање на возилото до 90 дена.
Според измените на ЗБСП, полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото, до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена.
Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.