Европските и американските трговски ланци за облека не успеваат да се ослободат од залихите и ги намалуваат нарачките за пролетните колекции, а фабриките во Бангладеш залудно чекаат нарачки, затоа што во ковид-светот најголема е побарувачката на пижами.
Глобалната индустрија за облека само што започна да се опоравува од тешката 2020 година, кога пристигна нов удар – нов бран на ширење на вирусот и ограничувања од страна на владите кои се обидуваат да го запрат, но и нееднакви програми за вакцинација.
Некои брендови на облека сè уште не успеале да се ослободат од облеката од минатата година, што нормално би се потрошила за миг при првата распродажба. Британски „Прајмарк“ има на залиха колекција за пролет / лето 2020 во вредност од 150 милиони фунти и колекција вредна 200 милиони фунти за есен / зима.
Во консултантската фирма „Мекинси“, вредноста на непродадената облека во светот, во продавниците и магацините, се проценува на 140 до 160 милијарди евра, што е повеќе од двојно од нормалното ниво.
Британскиот „Маркс енд Спенсер“ и германскиот „Хуго Бос“ порачле помалку облека од вообичаеното за пролетната колекција годинава.
Здружението на производители и извозници на облека од Бангладеш спровело истражување во педесет фабрики при што е утврдено дека тие за оваа сезона добиле 30 проценти помалку порачки од вообичаеното, поради затворањето пред Божик во поголем дел од Европа. Нови проблеми пристигнале во јануари, при новите мерки за блокада.
„Нарачките обично пристигнуваат три месеци однапред. Но, нарачките за март не пристигнаа“, вели сопственикот на фабрика Шахидула Азим, чии клиенти се трговци од Северна Америка и Европа.
„Работиме со 25 проценти од капацитетот. Имам неколку нарачки за фабриката да работи во февруари, но после тоа не се знае каква ќе ни биде иднината. Тешко е да се каже како ќе преживееме“, додава Азим.
Поради сето ова се поставува прашањето дали има некоја светла точка во ваква ситуација? Некаков вид на утеха за производителите донесе популарноста на пижамите за време на карантинот.
„Ако сакате да знаете што е хит во Велика Британија – пижамите се вратија во мода“, рече во јануари извршниот директор на „Маркс енд Спенсер“, Стив Роу.
„Хуго Бос“ алудираше на истиот феномен намалувајќи ја понудата на класична деловна облека, а проширувајќи ја онаа за дома и за во слободно време.
За производителите, ова е мала утеха.
„Побарувачката за пижами никогаш не била поголема, но сите не можеме да правиме пижами“, вели Азим.