Четврта година по ред, Финска го зазема првото место како најсреќна земја во светот, пред Данска, Швајцарија и Исланд, покажува индексот на среќа објавен денес, во кој се рангирани 150 земји
Класификацијата поддржана од Обединетите нации се објавува од 2012 година и користи истражувања на Галуп, според кои жителите треба да го изразат своето субјективно чувство на благосостојба, а овие одговори потоа се вкрстуваат со БДП и индикаторите за солидарност, индивидуална слобода и корупција, за да се дојде до оцена на скала до десет, пренесува агенцијата Франс Прес. Оценките се утврдуваат според официјалната листа на 150 земји.
Македонија е на 94-то место според скалата на среќата, и заедно со Албанија(93) се на дното во регионот. Косово е рангирано на изненадувачко 33-то место. Во регионот, Словенија е на 29-то место, следена од Хрватска на 60-то место, БиХ на 64-то место, Црна Гора на 72-то место, Бугарија на 88-то место.
Европските земји во голема мера доминираат меѓу десетте најсреќни земји, а тука се и Холандија, Норвешка, Шведска, Луксембург и Австрија. Единствената неевропска земја во првите десет е Нов Зеланд, која е на деветтото место.
Германија се наоѓа на 13-то место, Канада на 14-то, Велика Британија на 17-то, САД на 19-то, Франција на 21-то, Бразил на 35-то, Јапонија на 56-то, Русија на 76-то и Кина на 84-то, според официјалната листа од околу 150 земји.
Индија е голема светска сила со најлоша позиција, и се наоѓа на незавидно 139-то место.
Според ранг-листата, најмалку среќна земја на планетата е Авганистан со резултат 2,25, позади Зимбабве, Руанда, Боцвана и Лесото.
Споредувајќи ги податоците од 2020 година со претходните години за да се утврди влијанието на пандемијата на коронавирусот, авторите на студијата забележале значително „зголемена фреквенција на негативни емоции во околу една третина од земјите“.
Сепак, во 22 земји, тој показател бил позитивен, и според еден од коавторите на студијата, Џон Халивел, изненадува тоа што во просек немало пад на чувството на благосостојба кога луѓето го проценуваа сопствениот живот .
Тој рече дека можно објаснување е дека луѓето на Ковид-19 гледаат на заедничка закана која доаѓа однадвор и делува низ целиот свет и носи поголемо чувство на солидарност и емпатија.
И покрај долгите зими и угледот на нивните жители да бидат осамени, нордиските земји имаат многу висок животен стандард, добро функционираат јавните услуги, многу природа, шуми и езера и се многу добро оценети кога станува збор за солидарност и борбата против сиромаштијата и сите видови нееднаквост, пишува Франс прес.