Пред присутни над 120 студенти од II и III година, извршниот директор на Вработување.ком, Дарко Велков денес имаше свое гостување по предметот: Претприемништво и мал бизнис на Машинскиот факултет во Скопје
Целата идеја е на професорот Радмил Поленаковиќ кој и го дал името „НА КАФЕ КАЈ ПРОФЕСОР РАДЕ„ а целта му е да ги запознае своите студенти со извршните директори на македонските компании, со што студентите во прво лице би слушнале како функционираат работите „на терен“.
- Поинаку е - вели професор Поленаковиќ - кога јас како професор ги учам како е на терен, а сосема поинаку е кога директорите на компаниите ќе им кажат што всушност тие бараат од вработените. Драго ми е дека студентите преку ваквите гостувања стануваат свесни дека треба да ги искористат и практичните обуки и едукациите кои ги нудат компаниите како после завршувањето на факултетот полесно би нашле работа. Но и клучно е дека работата за време на студиите секогаш е голема предност.
Идејата се родила откако почнала онлајн наставата
- Многу е потешко да ги викнете таквите луѓе да гостуваат во живо, знаете дека сите тие извршни директори се со еден куп обврски, па онлајн наставата ни дојде како порачана. Многу ми е драго што ете од една можеби неубава работа се роди една вакава фантастична и корисна идеја –заклучува професорот.
После гостувањето на одговорните на Костал, Џонсон Мети, Микросам и Порше Македонија кои зборуваа за работата, на ред дојде и она од каде се почнува... Идеи, Бизнис, компетенции но и начин на барање работа и креирање CV - па денес „НА КАФЕ КАЈ ПРОФЕСОР РАДЕ“ беше Дарко Велков
- Препознавајќи го vrabotuvanje.com како компетентна компанија во однос на развојот на претприемништвото и бизнис идеите, честа и задоволството да се инспирираат и да се мотивираат млади луѓе кои допрва треба да влезат во бизнис секторот е навистина голема - изјави Дарко Велков.
- Драго ми е што зборував пред млади, храбри студенти подготвени да напредуваат и да создаваат вредности! Едуцирањето на младината е заедничка обврска на сите нас, како во иднина би имале што е можно поквалитетен кадар, подготвен да даде што подобри компетенции и нови понапредни идеи - заклучува Велков.
На што професорот Поленаковиќ додава: Обостраното задоволство се гледа и кај студентите и кај гостите бидејќи секогаш започнуваме со идеја на кратко гостување, а на крајот и после час и половина тешко ни е да се разделиме, така беше и денес и драго ми е е заради тоа!
Во иднина „НА КАФЕ КАЈ ПРОФЕСОР РАДЕ“ се шири и надвор од Македонија, следни гостувања се на претприемачи од Австралија и Турција.