Следејќи ја моменталната епидемиолошка состојба со КОВИД-19 и препораките на Кризниот штаб, Владата на денешната седница донесе одлука полицискиот час да започнува во 20 часот навечер и да трае до 5 часот наутро.
„Прво, забрана и посебен режим на движење на граѓаните на територијата на Република Северна Македонија во временски период од 20 часот до 5 часот наредниот ден, почнувајќи од 6 април 2021 година, вторник, до 20 април 2021 година, вторник“ - рече премиерот Зоран Заев.
Кафичите, рестораните и другите угостителски објекти целосно се затвораат. Се затвораат и фитнес салите.
Заострените мерки следат по значителното влошување на состојбата со КОВИД-19 во земјава и зголемувањето на бројот на нови случаи на дијагностицирани со коронавирус. Бројот на заразени со новиот коронавирус SARS-CoV-2 во средата достигна рекордни 1.511, а во петокот имаше рекордни 50 смртни случаи. Состојбата во болниците е критична.