Vrabotuvanje.com - Пријава за работа
Сподели
Tweet
Сподели

Пријава за работа

Повеќе

Молбата за вработување е документ којшто, заедно со CV-то, кандидатот задолжително го приложува во својата апликација на оглас за вработување. Молбата можете да ја ипсратите во прилог како Word или PDF документ или пак како текст кој е ќе го напишете во мејлот што го испраќате до работодавачот. Доколку молбата ја испраќате како прилог, во мејлот е доволно да наведете дека се пријавувате на оглас за дадена позиција и дека во прилог се наоѓа вашата молба и кратка биографија (CV).

Молбата за вработување мора да биде прилагодена на конкретниот оглас на кој аплицирате бидејќи секој работодавач сака да види дека сте вложиле труд пред да се пријавите и малку сте истражиле за компанијата. Молбата не е документ во кој ги истакнувате вашите лични податоци (брачна состојба, број на деца, возраст и сл.), туку документ во кој накратко му ја опишувате на работодавачот причината поради која аплицирате за работното место и кои достигнувања сте ги оствариле досега, а сметате дека ве прават квалитетен кандидат.

Молбата не треба да биде подолга од една страна (А4 формат). Иако во неа не ги истакнувате вашите лични податици, важно е да знаете дека молбата не е документ во кој го прераскажувате вашето CV, туку податоците кои се таму ги правите поцелосни. Исто така, во молбата ја истакнувате вашата мотивираност да ја работите работата за која аплицирате. Значи, се работи за документ кој не би требало да содржи многу текст (никој не сака да чита есеј), туку содржина со која јасно ќе му ставите до знаење на работодавачот дека сте мотивирани за работата и какви професионални достигнувања сте оствариле до сега, и секако, како истите ќе ви помогнат за конкретната позиција за која аплицирате.

Никогаш немојте да препишувате туѓа молба за вработување или да приложите молба која претходно сте ја испратиле до некој друг работодавач. Секој работодавач го цени и препознава индивидуалниот пристап, а препишаната молба може многу лесно да се открие. Потрудете се самите да напишете неколку реченици за себе и вашиот интерес за работното место за кое аплицирате – покажете дека сте писмени, елоквентни и дека сте издвоиле време за пишување молба за тој конкретен работодавач. Таквите молби работодавачите знаат да ги ценат.

Vrabotuvanje.com.mk користи колачиња (анг. cookies) за да ви овозможи подобро корисничко искуство. Повеќе информации можете да прочитате овде