Мистерот Филипче ќе закаже средба со верските лидери и на МПЦ и на ИВЗ и ќе ги замоли да упатат апел кон верниците – да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби..
Одлуката за зтворањето на угостителските објекти од Кризниот штаб сметаат дека е одлична во пресрет на празниците, но што ќе се случува за време на православниот Велигден и исламскиот Рамазан се уште не е познато .
-Мислам дека е добра ваква мерка во пресрет на празниците. И тоа беше главниот концепт околу кој дискутиравме – дали треба да имаме радикална мерка и сериозно да го намалиме притисокот пред некои настани кои се сериозен ризик, а по две недели можеби за угостителските објекти некои други препораки. Сепак, искуството покажа дека тоа се места каде и покрај тоа што има препорачани мерки, дистанца, сепак има групирање и непочитување на тие превентивни мерки. И затоа е таа препорака. Сакаме на некој начин, да го намалиме притисокот кон здравствениот систем, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.
За евентуални промени во однос на мерката, напомена, ќе се анализираат бројките и податоците за сите градови поединечно како што се прави секоја недела.
-Многу е битно сега и верските лидери да сфатат дека ситуацијата е навистина сериозна, дека епидемиолошката слика може дополнително да ја искомплицира состојбата во болниците, нешто што сакаме да го избегнеме. Би сакал да ги повикам следната недела двајцата лидери, и на МПЦ и на ИВЗ и да ги замолам да упатат апел кон верниците – да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби. Многу е важно сега сите да се вклучиме, не само ние што ги менаџираме здравствените капацитети и политичките чинители, туку и верските. Ова ќе биде сериозен ризик и зависно од тоа како ќе се одвива ситуацијата со бројките, од проценката на ризикот што може да се случи, ќе донесеме одлука во следните две недели за тоа како ќе ги димензионираме мерките – изјави Филипче.