Незадоволниот вработен Тајванец неодамна се пожалил на Фејсбук дека компанијата во која работи му одзела дел од платата за претходниот месец затоа што минувал премногу време во тоалетот.
Човекот признал дека минал дури 49,5 часа во тоалетот, што е околу два часа на ден, но тој посочил дека работодавците не го предупредувале дека поради тоа ќе му ја намалат платата, пренесува Одити Централ.
Тајванецот во Фејсбук група напишал дека минатиот месец работел како приправник 22 дена, наведувајќи дека собрал 195 работни часови. Но, кога му пристигнала платата, тој забележал дека му недостасува дел од износот, па решил да провери што се случило.
Тој бил информиран дека според снимките од надзорните камери, тој минал скоро 50 работни часови во тоалетот претходниот месец и дека според правилата на компанијата може да користи тоалет во просек еднаш дневно, а од платата му се одземаат 27,5 часа.
Г. И се пожалил дека компанијата му се заканила дека може да добие отказ, а според него, неговите родители инсистирале тој да не се жали, туку да молчи и да ја задржи работата.
Бизарниот случај предизвика поделени реакции на социјалните мрежи и многумина напишаа дека ја разбираат одлуката на работодавачот, со оглед на тоа што се согласиле дека човекот навистина поминал премногу време во тоалетот.