Иако овој месец април имаме невообичаено студено време, метеорологот Славчо Попоски вели дека за големиот христијански празник Велигден сепак ќе имаме убаво време
Oбјаснува дека според прогнозите ќе следи стабилизација, ќе имаме топло време, со температури од 20 или повеќе од 20 степени.
„Во следните денови очекуваме пораст на температурите на воздухот. За Велигден исто така ќе биде топло и без некои пообилни врнежи. Од сега гледано температурите ќе бидат околу, но и над 20 степени. Точно е дека овој април е постуден од вообичаеното, а забележавме во изминатиот период и значителни врнежи од снег во регионот. Температурите беа пониски дури и за 20 степени од нормалните во регионот. Кај нас беа пониски некаде за околу 10 степени и тоа не е малку. Но, тоа е нормално за нашиот регион и тоа е така затоа што сме под директно влијание на студените воздушни маси кои се спуштаат од север. Во регионот април беше врнежлив, но кај нас и не баш поради тоа што немаме толку многу врнежи во Македонија. Имаме, но не многу обилни“, рече Попоски.
На почетокот на април имаше снежна покривка во Македонија, што доведе до потешкотии во сообраќајот. Слично беше и во регионот. Делови од Србија и Хрватска беа завеани. Во Србија снежната покривка достигна 40 степени.
Светски познатата метеоролошка служба AccuWeather претходно објави голема сезонска прогноза во која предвидува дека пролетта 2021 година може да изгледа како онаа од 2018 година. Метеоролозите најавија дека невремето што ја зафати западна Европа, а потоа и јужниот дел на континентот во текот на зимските месеци, може да остане активно во рана пролет. Според нив, можни се обилни врнежи од дожд и поплави, со што луѓето ќе бидат лишени од пријатните топли денови.