Во продолжение ќе ги споредиме нутритивните карактеристики и здравствените придобивки на овие два популарни пијалака и ќе воочиме дали навистина какаото може да е здрава и нутритивна алтернатива на кафето.
Луѓето што се љубители на утринското кафе ќе ви кажат дека без истото денот не може да им започне. Но, што ако шолјата кафе ја замениме со шолја топло и вкусно какао? Двата пијалака го содржат кофеинот – состојката која се смета дека нè држи будни и го прави кафето омилен пијалак за утринските часови. Во продолжение ќе ги споредиме нутритивните карактеристики и здравствените придобивки на овие два популарни пијалака и ќе воочиме дали навистина какаото може да е здрава и нутритивна алтернатива на кафето, а сепак да не држи будни и фокусирани.
Во претходните статии беа разгледани позитивните придобивки од какаото во прав, но во продолжение ќе направиме една споредба на шолја какао напиток и шолја кафе.
Какаото во прав – здрав и вкусен напиток
Какаото се добива од плодовите на дрвенастото растение Theobroma cacao кое потекнува од тропските делови на Америка. Од овие плодови се добива какао масата (прав и какао маснотии) и потоа од неа и чоколадото, што воедно е и главната употреба на какаото. Кај нас, какао правот се користи уште и како топол напиток. Дел од многубројните здравствени придобивки на овој напиток се:
- Високата содржина на антиоксиданти, првенствено полифенолите
- Намалување на ризикот од мозочен и срцев удар
- Намалување на симптомите од дијабетот тип 2
- Регулирање на телесната тежина
- Поздрава кожа
Но исто така, какао правот содржи:
- Масти од кои околу 60% се здравите незаситени масти
- Протеини (околу 40% од масата на правот)
- Јаглехидрати од кои најголем дел се корисните растителни влакна, а сосем мал дел се шеќерите
- Минерали (калциум, калиум, железо и магнезиум), како и витаминот B6
- Кафето – омилен пијалак на многумина, богат со антиоксиданти
Кафето како еден од најпопуларните пијалаци во светот се подготвува од печените зрна на растенијата од родот Coffee. Тоа нуди исто така низа на здравствени придобивки, како што се:
- Намалување на ризикот од дијабет тип 2
- Намалување на ризикот од појава на Алцхајмерова болест, Паркинсова болест и деменција
- Намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања
Практично е без калории (поради отсуството на макро нутриентите), а сепак содржи одредени витамини како витамините B2, B3, B5 како и минералите манган и магнезиум
Кафето е докажано дека содржи високи количества на антиоксиданти – соединенија кои ги неутрализираат штетните слободни радикали кои се секогаш присутни во човековото тело. Имено кафето е особено богато со антиоксидантите фенолпропанонска киселина и полифенолите. Токму овие соединенија – антиоксидантите ги пружаат здравствените придобивки кои се препишани на кафето.
По чајот, кафето е вториот најпопуларен пијалак во светот и поради тоа се смета дека кај популациите кои редовно консумираат кафе, најголемиот дел од антиоксидантите во исхраната доаѓаат токму од овој пијалак.
Исто така за луѓето кои внимаваат на внесот на калории, кафето е одличен пијалак бидејќи скоро и воопшто да не содржи калории.
Споредба на шолја кафе и какао во прав
Очигледно е дека и двата пијалака имаат докажани придобивки по човековото здравје, но исто така е воочливо дека какаото содржи одредени нутриенти кои не се присутни кај кафето. Доколку калориите не се проблем во исхраната, присутните масти, протеини и јаглехидрати (од кои најмногу се растителните влакна) во какаото во прав се исклучително корисни и здрави за консумирање.
Имено, какаото во прав има околу 230 калории/100 g, додека кафето има 0 калории.
Треба да напомниме дека споредбата е кога напитокот од какао во прав би бил подготвен со вода, а не со млеко. Во поглед на кофеинот, кафето содржи од 200 па до над 2000 mg кофеин на 100 g мелено кафе (количина која во голема мера зависи и од начинот на третман на зрната кафе, видот на зрното кафе и сл.), додека какаото во прав содржи 230 mg кофеин.
Ова би значело дека шолја подготвена од 15 g какао прав (2 мали лажички) би содржела:
– Само околу 34 калории
– 2 g масти
– Дури 5 g на растителни влакна
– 3 g протеини и
– Занемарливо мало количество на шеќер (0,3g)
Како споредба, шолјата кафе би имала 0 калории поради тоа што не ги содржи протеините, влакната и мастите како кај какаото, но би ги содржела споменатите витамини и антиоксиданти. Исто така шолјата кафе, во зависност од подготовката, би можела да има значително поголема количина на кофеин што кај некои луѓе би можело да претставува проблем, особено по испиени неколку шолји кафе на ден.
Дали е какаото добра замена за кафето?
Со какао напитокот ќе внесеме одредена количина на кофеин, а дополнително тоа нуди и одредени нутритивни состојки и е хранлива и здрава алтернатива на кафето. На овој начин ги внесуваме и макро нутриентите, првенствено како најзастапени кај какаото во прав – протеините, но и незаситените масти како и растителни влакна кои какао правот ги има во изобилие. Доколку е подготвен со вода, тој сепак може да се смета за нискокалоричен напиток со одличен вкус.
Кафето од друга страна е одличен извор на антиоксиданти и за популацијата која внимава на внесот на калории е одлична опција.
Секако вкусовите на двата напитоци се различни, но предлагаме љубителите на кафето повремено да се обидат и да ја заменат шолјата кафе со вкусна и топла шолја свежо подготвено какао и на тој начин да го добијат посакуваниот кофеин, но и низа на други корисни макро и микронутриенти.