Една од основните информации коишто треба да ги содржи договорот за купопродажба е токму начинот на испорака и рокот во кој ќе биде испорачан производот. Без оглед дали производот се купува директно од продавница, онлајн, преку презентација и сл., продавачот е должен да обезбеди целосни информации за испорака и да го извести писмено на мејл купувачот за рокот и начинот на испорака на производот. Производот или услугата мора да бидат испорачани во рок од 30 дена од денот кога е порачан производот или склучен договорот. Законскиот рок од 30 дена не се применува во случај кога трговецот одбива да ја испорача стоката.
Во тие случаи, ако трговецот не ја испорача пратката во рокот договорен со потрошувачот или во рамките на законскиот рок од 30 дена, потрошувачот има право веднаш да го раскине договорот. Кога трговецот не ја исполнува обврската да ја достави пратката во договорениот рок со потрошувачот, или во законскиот рок од 30 дена, потрошувачот може да бара од него испораката да биде извршена во рок од 15 дена, во согласност со околностите. Потрошувачот тогаш има право да го раскине договорот.
Кога станува збор за договори склучени на далечина (интернет-купување), продавачот има обврска да обезбеди целосни информации за испораката на производите. Продавачот е должен на веб-страницата на јасен и читлив начин, најдоцна до почетокот на процесот на нарачување, да наведе дали се применуваат ограничувања во однос на испораката. При склучување на овие онлајн договори, потрошувачите, пред да ја направат нарачката, треба да проверaт дали и на кој начин ќе им го достават производот.
Без оглед дали производот е купен физички во продавница, онлајн преку интернет, презентација и сл., продавачот е должен на купувачот да му достави читлива фискална сметка или сметкопотврда, а доколку се доставуваат технички сложени производи, покрај фискална сметка или сметкопотврда, должен е да достави и технички упатства, упатства за склопување, упатства за користење, гарантен лист и друга документација.
При достава на производот, потрошувачот треба веднаш да го прегледа испорачаниот производот, со цел да утврди дали производот е ист како нарачаниот, дали е оштетен или има некакви недостатоци. Доколку утврди дека има некаков проблем со пратката, односно производот е оштетен, во тој случај не треба да се прифаќа и треба веднаш да се врати на доставувачот. Претходно, потрошувачите треба да го фотографираат производот, а за оштетениот производ писмено да го известат продавачот и да ги наведат причините за одбивање на пратката, со достава на фотографии од пратката и производот.
извор: biznisinfo.mk