Работната околина треба да биде пријатна, атмосферата опуштена и приспособена за работа и напредување.
Со оглед на тоа што голем дел од денот поминувате на работа, важно е тоа да биде место каде ќе се чувствувате пријатно и прифатено.
Работното место не треба да ви биде застрашувачко, непријатно и да сакате едвај да си одите од канцеларија.
Работната околина треба да биде пријатна, атмосферата опуштена и приспособена за работа и напредување, да постои разбирање помеѓу колегите и секако, да бидете прифатени и мотивирани од надредените.
Но, ако односот со надредените е нарушен, тоа може да доведе до мобинг, односно психичко малтретирање на работно место, а многу често може да не сте свесни за тоа.
Следниве знаци укажуваат дека нешто не е во ред и дека сте жртва на мобинг:
- Ви даваат лажна надеж за напредок, покачување на плата и слично, а не го исполнуваат ветувањето.
- Постојано ви се закануваат со отказ и ве омаловажуваат.
- Шефот „заборава“ да ве викне на состанок со останатите вработени.
- Ве одвојуваат од колегите и ви даваат незадоволителен простор за работа.
- Ги игнорираат вашите мислења и чувства.
- Ве обвинуваат само вас за тимски грешки и неуспеси.
- Ги откажуваат и одбиваат вашите проекти без објаснување.
- Ги вртат другите вработени против вас и уживаат во вашето пропаѓање.
- Ви задаваат недостижни цели и работни обврски.
- Ви ја критикуваат работата без никаква основа.
- Ги заземаат заслугите за вашиот труд и достигнувања.
- Непријатни допири и обиди за сексуално малтретирање.
- Прават да се чувствувате како да сте бескорисни.
- Постојано почнуваат и се вклучени во озборувања за вас.
- Имате постојан надзор во работата и немате слобода.