Со новите мерки што од 15 јули ќе се воведат во Грција за затворените делови на угостителските објекти, кината, театрите, стадионите и спортските сали, тие ќе може да работат или само за вакцинирани лица и оние кои прележале ковид-19, или да бидат мешани простори.
Според портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, целта е заштита на јавното здравје, но и постепено враќање на слободата на вакцинираните граѓани, а правилата ќе важат и за странските туристи.
Предвидено е, од средината на месецов, сопствениците на кафулињата, баровите, рестораните, ноќните клубови, кината, театрите и сл, да одберат дали нивните затворени простори ќе бидат „чисти“ или „мешани“.
Пелони, на редовниот брифинг со новинарите објасни дека во „чистите“ простори ќе можат да бидат само оние кои се вакцинирани или прележале ковид-19, а во „мешаните“ освен овие две категории, влезот ќе биде дозволен и за останатите граѓани, но само по направен брз или молекуларен тест.
„Контролата на влезот ќе биде преку дигитална апликација што ќе ја потврди автентичноста на сертификатите за вакцинација или прележана болест и за тестовите во мешаните делови, во дигитален или печатен формат и нема да се зачуваат никакви податоци. Апликацијата ќе биде бесплатна. Бизнисите ќе имаат посебна ознака на влезовите дали се „чисти“ или „мешани“. Спроведувањето на мерките ќе биде во целосна согласност со законот што се однесува на заштитата на личните податоци“, истакна Пелони.
Доколку бизнисите одлучат да работат само со вакцинирани клиенти или оние кои прележале ковид-19, тогаш капацитетот ќе биде поголем, па така, за внатрешните простори на угостителските објекти, за кината и театрите, како и за просторите на кои се одржуваат настани во живо, дозволена е исполнетост од 85 отсто од капацитетот.
Во спротивно, ако просторот е „мешан“, тогаш дозволен е 50 отсто од капацитетот.
За ноќните клубови, без разлика дали се на отворено или во затворен простор, ако работат само со вакцинирани и лица кои прележале, дозволено е 60 отсто од капацитетот, а 25 отсто, ако „примаат“ и невакцинирани лица со негативен рапид тест.
Влезот во спортските сали и стадионите ќе биде дозволен само за првата категорија, односно за вакцинирани и за граѓани кои прележале.
Правилата ќе стапат во сила на 15 јули, за „чистите“ простори, потребно е, вакцинираните да имаат сертификат и да се поминати 14 дена од втората доза, а за оние кои прележале, тоа да е во изминатите шест месеци.
Она што се однесува на грчките граѓани ќе важи и за странските посетители. Вакцинираните странски посетители, исто така, ќе треба да ги покажат сертификатите за вакцинација или за прележана болест и потврдите за негативни тестови, во зависност од просторот каде се движат.