Мислењата за иднината на македонските села се поделени. Граѓаните обично мигрираат од село во град, но иако во помал број сепак има и луѓе кои од урбана заминуваат да живеат во рурална средина. Многумина откако ќе влезат во пензија, не им пречи да се вратат и да живеат во село. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во рамките на истиот регион, најголемо учество од 37.6 отсто имаат преселбите од село во град.
Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот регион со 50.9 отсто. Во овој регион лани 262 луѓе заминале од село во град, а од град во село се преселиле 81 лице.
Жителите во селата велат дека одредени миграции имало и ќе има, но според нив тоа не е во големи размери. Многумина заминуваат во Скопје, а повеќето во странство, пред сѐ луѓето мигрираат поради финансиски причини. Порано луѓето на село немале толку трошоци, но денес не е така. Кога една врата во селото ќе се затвори, веќе руга не се отвора. Таква е сега ситуацијата во селата. Само 65 луѓе лани од село заминале во град во североисточниот регион. Во истиот период 41 лице од град заминало во село.