Можеби е тешко да најдете огласи за две работни места во ист бизнис и да бидете сигурни дека и двајцата ќе се вработите истовремено. Но, има многу други можности за оние парови кои сакаат да работат заедно. Веќе планиравте свадба заедно, па зошто да не испланирате и заеднички бизнис. И знаете што велат, паровите кои заеднички ги плаќаат даноците, остануваат заедно!
Водење сопствен бизнис
Не треба да ве изненадува фактот што на врвот на листата е отворањето заеднички бизнис. Вие двајцата можете да бидете коменаџери или косопственици, но водењето бизнис ќе ви овозможи и да поминувате повеќе време заедно.
Голема е бројката на нови отворени бизниси секоја година и постојат некои проценки дека некаде помеѓу 20-30% од овие нови бизниси се отворени од парови. Може да купите веќе постоечки бизнис или да отворите нова компанија.
Едниот од вас може да работи со клиентите, да пронаоѓа производи, да држи обуки, а другиот може да ја води деловната страна од работата како книговодство, подготвување буџетска рамка, ангажирање вработени и друго.
Можете да создадете ваш сопствен бизнис преку Интернет и да продавате производи, да понудите услуги или да ги правите и двете работи истовремено. Треба да започнете со привлечен домен и да го регистрирате, да направите веб-страница и да научите оптимизација или да ангажирате некој што ќе го прави тоа за вас. Без разлика дали ќе изберете да имате онлајн продавница или вистинска продавница, вашето присуство на Интернет е подеднакво важно. Треба да ги знаете вашите меѓусебни предности и маани и да се вложите целосно за вашиот бизнис да се развива и расте.
Одржувачи на имоти
Ако сакате да патувате и да видите нови места, тогаш оваа позиција може да биде за вас. Одржувачите на имот го прават токму тоа: водат сметка за имотите. Овие имоти обично се места што ги поседува некој што не е на својот имот во текот на целата година. Тоа може да бидат фарми, куќи, земјоделски површини и многу други работи.
Работата би требало да биде релативно лесна: да водите сметка имотот да не се запали и изгори. Можеби ќе треба да научите и како да се грижите за некои растенија, да обработувате земјоделски површини, да одгледувате животни, па затоа бидете спремни да учите нови нешта.
Недостатоците на оваа работна позиција може да бидат оддалеченоста од урбаните средини и немањето контакт со повеќе луѓе подолго време. Тоа може да ве претвори во досадна двојка. Некои луѓе патуваат низ светот и се фокусираат само на недвижен имот, како куќи. Ако ваквиот животен стил ви прилега, може да се обидете.
Мисионерска работа
Ова не мора да биде само религиозна дејност, иако можеби имате таков впечаток. Но, тоа би можело да биде и работа со деца од ризичните групи или семејства кои се во социјален ризик. Постојат луѓе од многу места во светот на кои им е потребна ваквата помош.
Некои од овие места се во големите градови, додека други се доста оддалечени, како центрите за рехабилитација. Овие работни места бараат многу труд, но ако имате отворен ум и срце и сте подготвени да помогнете тогаш вреди да се обидете.
Менаџирање на магацин
Можеби ова е „најоткачениот“ предлог на листата, но има многу магацини што нудат работа за парови. Зошто? Бидејќи им треба некој што ќе биде во магацинот во секое време, спремен да работи со клиенти кои ќе доаѓаат да остават нешто или да одберат нешто што им треба.
Многу од овие работни места нудат и дополнителна заработка како бонуси, но тоа, исто така, значи дека можеби нема да можете да го напуштите магацинот кога ќе посакате. Исто така, би можело да ви биде тешко да ги разликувате работата и приватноста. За секоја од овие можности можеби ќе ви бидат потребни и дополнителни квалификации, па затоа размислете пред да се одлучите на ваков чекор.