Колку се важни карактерните особини кога е во прашање работата? Покрај одредените стручни познавања и клучните компетенции, многу се важни и некои карактеристики на личноста, кои речиси сите менаџери ги очекуваат од своите вработени.
Мотивацијата за работата и успехот, креативноста и отвореноста се карактерни особини кои се најпосакувани кај новите вработени, сметаат менаџерите. Да имате стручно знаење и вештини е многу важно при вработувањето, но да имате вистинска личност, некогаш дури е и пресудно.
Во дигиталната компанија „Hyper Island’s“ спроведено е истражување на 500 бизнис лидери на полето на комуникацијата и технологијата, а дури 78 проценти изјавиле дека личноста им е најважниот квалитет кој го разгледуваат при вработувањето.
Најценети се квалитетите на високата мотивација за успех, отвореноста и креативноста.
По отворената и љубопитна личност, на менаџерите им е најважна складноста на личните вредности и ставовите на вработените со вредностите и ставовите на организацијата. Дури 53 проценти од испитаниците тие карактерни особини ги оцениле како најважни. Останатите вештини се на третото место по важност со само 39 проценти од гласовите.
Личноста е многу важна, но стручните знаења и вештините, односно клучните компетенции, сепак, се она што вас ве прави способен за работа. „Креативните технологии, UX/UI дизајн, програмирање и аналитика се меѓу најбараните“, стои во студијата.
Дури 20 проценти од менаџерите кои учествувале во истражувањето рекле дека најголем предизвик во комуникациската индустрија и индустријата за технологија, е пронаоѓањето, развивањето и задржувањето на вистински таленти.
„Развојот на технологијата оди многу брзо и нема знаци дека ќе забави, па така, вештините многу брзо стареат и потребни се нови“, рече директорката на компанијата „Hyper Island’s“, Џоана Фрелин, додавајќи дека способноста на поединецот да се носи со ситуациите и да биде ефикасен член на компанијата, го прави посакуван за работодавачите.
Специфичните компетенции сега се помалку важни со оглед на реалните предизвици и способноста за адаптација на забрзаните промени. „Љубопитната личност која е подготвена да учи и да освојува нови знаења и вештини е онаа личност која ќе преживее“, вели Фрелин.