Компанијата која ја поседува ZOOM-алатката за одржување видео конференциски настани, подготвена е да плати 86 милиони долари за загрозување на приватноста на корисниците, јавуваат светските агенции. Компанијата на овој начин се надева дека ќе го разреши случајот со поднесената тужба за заштита на приватноста на корисниците во САД.
Во тужбата против ZOOM се тврди дека е нарушена приватноста на милиони корисници со споделување лични податоци со „Фејсбук“, „Гугл“ и „Линкдин“. Исто така, ZOOM е обвинет дека им дозволил на хакерите да ги попречуваат состаноците преку алатката, односно не ги спречил хакерите во практика да вршат попречувања на состаноците, феномен наречен Zoombombing.
Компанијата што го поседува ZOOM негираше дека направила какви било грешки, но се согласи да ги зајакне своите безбедносни практики.
Покрај сумата што е подготвена да ја плати, прелиминарната спогодба вклучува одредба во која се вели дека ZOOM на своите вработени ќе им овозможи специјализирани обуки за ракување со лични податоци и приватност. Оваа спогодба поднесена викендов треба да биде допрва одобрена од суд во сојузната држава Калифорнија.
Инаку, разрешувањето на оваа тужба поднесена во март 2020 година нема да ги скрати маките на компанијата која ја поседува алатката ZOOM. Таа е само една од тужбите кои се поднесени против неа пред судовите во САД. Само во САД, корисниците на ZOOM генерирале приходи на компанијата во вредност од 1,3 милијарди долари, се наведува во една од поднесените тужби.