Иако вискито е нешто што не треба да се поврзува со возење, сепак една компанија го користи на паметен и еколошки корисен начин… Се работи за производителoт на виски „Гленфидич“ во Дафтаун, североисточна Шкотска, кој користи отпадни производи од процесот на дестилација на виски како – гориво за своите камиони.
Фирмата продава над 14 милиони шишиња виски годишно, а со цел да ги намали емисиите на јаглерод, почна и да ги модифицира камионите за испорака за да може да користи гасовити биогорива направени од остатоците во своите дестилерии. Употребата на ова гориво создава ниски емисии на штетни материи. Компанијата веќе изгради и станици за полнење во Дафтаун, кои се специјално дизајнирани да ги претворат отпадните производи од правењето виски во УЛФЦ (ултра-ниско карбонско гориво).
Дестилеријата тврди дека биогасот ги намалува емисиите на ЦО2 во камионите за повеќе од 95 отсто, а другите штетни честички и стакленичките гасови – за 99 насто.
„Гленфидич“ порано го продаваше отпадот од виски и како земјоделско ѓубриво. Тие денес поседуваат три модифицирани камиони за испорака кои користат биогориво и транспортираат виски од дестилеријата до фабриката за пакување. Овој метод ќе се користи и во други компании. Шкотската индустрија за виски има намера да биде јаглерод-неутрална до 2040 година.