Од Центарот за јавно здравје на земјава се децидни дека според новите протоколи, вакцинираните лица со две дози, не добиваат решенија за самоизолација. Истото важи и за граѓаните кои веќе ја прележале болеста.
Од Државниот санитарно-здравствен инспекторат, кои ги делат решенијата за самоизолација, велат дека тие добиваат готови списоци од Институтот и од Центарот за јавно здравје, и врз основа на нив ги изработуваат решенијата за самоизолација, што значи дека ДСЗИ за нив не одлучуваат.
„Не можат да добијат решение бидејки по новиот протокол вакцинираните со две дози и да има поминато две недели од втората доза, не подлежат за изолација“, вели директорот на ЦЈЗ. Оттаму не негираат дека е точно оти има случаи да се позитивни граѓани и со две дози од вакцината, но нагласуваат дека тие се со лесна клиничка слика.
„Знаеме дека вакцината не не штити 100 %“, потенцираат од ЦЈЗ, но сепак се апелира граѓаните што повеќе да се вакцинираат, бидејќи вакцината штити од тешка форма на болеста.
Од ЦЈЗ објаснуваат и дека сите позитивни граѓани со симптоми добиваат решенија за изолација од 20 дена, додека, пак, позитивните без симптоми треба да бидат изолирани во траење од 10 дена. Додека, пак, невакцинираните граѓани кои биле во контакт со заразено лице, добиваат решенија за изолација во траење од 14 дена.
Коронавирусот силно се шири во земјава. Во последното деноноќие беше регистриран најголем број на заразени досега во овој четврти бран, односно дури 999 случаеви, а беше голем и бројот на починатите, дури 14 лица.
извор: faktor.mk