Велат среќата ги следи храбрите, а токму таков е случајот со Дејвид О’Нил, кој ја напуштил сигурната работа во банка и одлучил да ризикува. Дејвид О’Нил, 32, имал успешна кариера во банкарскиот сектор, но кога го одбиле за унапредувањето, кое сметал дека го заслужува, одлучил да направи драстична промена во животот. Дал отказ и се запишал на курс за фризери. Денес има девет фризерски салони и заработува повеќе од 903.000 долари годишно. За споредба, додека бил банкарски работник заработувал 44.000 долари годишно.
Дејвид за својата интересна приказна открива:
„Имав сигурна работа во банка, но јас сум амбициозен и отсекогаш сонував да отворам свој приватен бизнис. Кога побарав унапредување и не го добив, знаев дека е вистинското време за да продолжам понатаму. Одбивањето всушност беше најдоброто нешто што ми се случило.“
Идејата за отворање на фризерски салон Дејвид ја добил откако се обидувал да го потстриже својот син.
„Моите момчиња секогаш се жалеа кога требаше да ги носам на фризер, па одлучив да го сторам тоа сам. На ум ми дојде идеја да им пуштам некој филм или игра на PlayStation додека работам и ним навистина им се допадна тоа.“
Така го отворил салонот „Shortcuts children's hairdressers“, каде дечињата до пет години седат во столици како мини автомобили за време на потстрижувањето, а пак поголемите деца играат PlayStation или гледаат цртани филмови. Целото искуство на децата тој им го претвора во забава. Салоните се обоени во ведри бои и прилагодени за најмалите.
Првиот салон Дејвид го отворил во 2014 година во Milton Keynes, а денес има девет салони со вкупно 30 вработени. Сега планира да отвори уште една компанија со синџир на кафулиња во кои ќе има забавен дел за најмалите.
Тој на сите им порачува дека напуштањето на работата е навистина страшно и ризично искуство, особено кога имате мали деца. Но, мора да соберете храброст за да го сторите тоа ако сакате да си ги остварите соништата. Дејвид, исто така, додава дека неговата сопруга Кајли била цврста како камен и му била најголема поддршка во текот на целиот процес.
извор: www.crnobelo.com