Бонусот на плата во износ од 3000 денари ги натера вработените од компанијата Макстил АД побрзо да се решат да примат вакцина. Компанијата веќе втор месец исплаќа ваков додаток на сите работници кои ќе приложат документ дека се вакцинирани.
„Нашата цел беше да се наградат вработените кои се грижат за себе, за колегите, за здравјето на своето семејство, за компанијата, но и да биде мотив плус за оние што се двоумат’’, изјави за Локално.мк генералниот директор Иван Бановски.
Од почетокот на процесот на имунизација досега, вакцинирани се околу 40% од вработените, податок кој според Бановски е доволна причина сите во компанијата да се чувствуваат посмирени. Макстил е првата компанија во нашата држава која се одлучи на ваков потег, и од таму се надеваат дека ќе претставуваат позитивен пример, особено во однос на сите оние кои се уште се двоумат дали да се вакцинираат.