Страницата за добивање работна виза за Германија била прегледана 50.000 пати за само неколку часа откако беше отворена пред два дена, објави Германската амбасада во Скопје.
Таа беше отворена откако на 1 септември во Германија стапи на сила последователна регулатива на таканаречената Регулатива за Западен Балкан, со која германската влада и по истекот на 2020 година им овозможи на државјаните на Македонија, Косово, Србија, Албанија, БиХ и Црна Гора да имаат привилегиран пристап до германскиот пазар на труд. За целиот Западен Балкан биле обезбедни 25.000 работни визи годишно, од кои 4.750 за Македонија.
„Сојузната влада овозможи привилегиран пристап до германскиот пазар на труд за државјаните на Северна Македонија. Ова и понатаму се однесува на секој тип на работа, независно од признатата квалификација. Согласно германската законска регулатива, за целиот регион на Западен Балкан смеат да се доделат 25.000 визи годишно, од кои Северна Македонија добива 4.750. Гледано според бројот на жители, Северна Македонија има натпропорционален удел на располагање, што се должи и на вашиот голем интерес“, напиша германската амбасадорка Анке Холштајн на фејсбук.
Таа додава дека интересот за програмата е огромен, што создало проблеми во доделувањето термини за аплицирање за виза.
„Објавата имаше 50.000 прегледи за неколку часа откако беше објавена во понеделникот. Сегашниот систем ѝ овозможува на Амбасадата ограничена понуда на термини за поднесување барања. Се разбира дека само еден дел од заинтересираните може да добијат шанса“, вели Холштајн.