Работниците во Република Српска ќе можат да одат на боледување поради синдромот “прегорување на работа“, потврдено е од Фондот за здравствено осигурување.
Фондот за здравствено осигурување на Република Српска ќе ја вклучи оваа дијагноза во своите кодови-шифри за болести, следејќи ги светските упатства, бидејќи Светската здравствена организација го вклучи синдромот во својот прирачник за Меѓународната класификација на болести и најави примена следната година
Од Фондот велат дека заедно со надлежните институции на Република Српска, тие ги следат активностите на Светската здравствена организација и Листата на меѓународна класификација на болести и дека ги вклучуваат сите промени и иновации во нивните акти. Психологот Слаѓана Цвјетковиќ посочи дека постојат јасни дијагностички критериуми за препознавање на овој синдром.
“Луѓето кои се склони кон професионално прегорување не користат боледување, не избегнуваат работа, сè додека едноставно не можат да одат на работа. Мислам дека во интерес на работодавачите е нивните вработени да не прегорат, поради квалитетот и продуктивноста на работата“, вели Цвјетковиќ.
Синдромот „прегорување“, односно состојба на хроничен стрес, е физичко, емоционално и ментално исцрпување, како и чувство на неефикасност и недостаток на успеси. Треба да се има предвид дека исцрпувањето не го предизвикуваат само лошите услови на работа, бидејќи во таква ситуација можеме да се најдеме ако ја сакаме нашата работа. Луѓето со изразен мотив за успех во компаниите каде се блокира нивната иницијатива, каде има високи нивоа на стрес и фрустрација, честопати стануваат подложни на „прегорување“. Причината лежи во превисоките барања од себе и во обидот да ги постигнат своите организациски цели што е можно поефикасно. На овој синдром се особено изложени амбициозните луѓе, кои често заради нивниот став дека можат да сторат сè, не забележуваат дека полека „согоруваат“. Тие работат многу долго, преземаат премногу тешки задачи и создаваат голем притисок врз самите себе за да го направат тоа. На крајот, тие веќе не можат да функционираат ефикасно на лично или професионално ниво. Сепак, тоа не се случува одеднаш. Нашето тело и ум ни испраќаат предупредувања, па затоа е многу важно да ги препознаете сите симптоми на синдромот на „прегорување“.
Извор: biznisinfo.mk