На неколку недели до почетокот на грејната сезона повторно во јавноста се отвора прашањето како најевтино, но и најефикасно да се затопли домот. Парно, дрва, струја или некој друг алтернативен начин како печки на пелети или слични други енергенси кои се почесто ги набавуваат граѓаните.
За да се направи точна пресметка сепак и не е така лесно со оглед на фактот што за да се дојде до некаква проценка на ефикасност на различните видови на греење, освен цената на енергенсот треба да се земе во предвид и цената на самата опрема за греење и тоа на кој степен е енергетско ефикасен објектот. Генерално како поефикасни и еколошки прифатливи начини на греење се системите со топлинска пумпа, централно греење со ефикасни топлификациони системи и природен га
Според информациите на Регулаторната комисија за енергетика нешто над 60 илјади домаќинства во Скопје се поврзани на системите за топлинска енергија. Сметките за парно греење изнесуваат околу две илјади денари месечно, но мора да се напомене дека таа сума се плаќа во текот на целата година, а не само во грејната сезона, за граѓаните да немаат нагло зголемување на режиските трошоци во зимските месеци од годината.
Оние граѓани пак кои домот го загреваат со грејни тела кои работат на електрична енергија според проценките плаќаат повеќе од оние кои имаат дома парно. За стан од 50 – 60 квадрати потребни се најмалку 6-7 илјади денари за сметки за струја, во зависност од потрошувачката на грејните тела. Најголема мака според искуствата на граѓаните имаат домаќинствата кои се грејат само на струја. Секоја година поради преоптовареност на системот за електрична енергија добар дел од граѓаните со часови, а некогаш и со денови остануваат освен во темнина и во студени простории.
Дали сме подготвени за претстојната грејна сезона и колку струја ќе треба да се увезува за да се задоволат сите корисници?. Хидрологијата е неповолна и оваа година, така што не може да се произведува електрична енергија од вода во оптимални количини или количини предвидени со годишнот план за производство. Исто така се наидува на тешкотии во термоелектраните во однос на количините на јаглен во рудниците, особено со недостигот на јаглен во РЕК Осломеј.
Од АД ЕСМ како производител на електрична енергија со апел до граѓаните, во претстојниот период на грејна сезона да ја трошат електричната енергија рационално, одговорно и плански, бидејќи струјата засега останува главен ресурс кој им е потребен и на домаќинствата и на стопанството, а нејзиното производство и кај нас и во светот станува се потешко и поскапо.
Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но затоплувањето на домовите може да стартува и порано доколку има нагло заладување и просечните дневни температури се пониски од 12 степени.
Извор: denar.mk