Од 2007 година, главниот град на Словенија целосно го редизајнираше својот центар и го намени исклучиво за пешаци и велосипедисти. Резултатите се веќе многу видливи. Прочитајте за што друго може да земе пример Скопје од зелената Љубљана.
Во споредба со другите европски метрополи, Љубљана е релативно мал град со 280.000 жители, но сигурно е еден од најзелените и најтивките. Во текот на многугодишното постепено воведување на забраната за автомобилски сообраќај, центарот на европската зелена престолнина за 2016 година успешно се трансформираше во пријатна пешачка и велосипедска оаза на која денес ѝ се восхитува целиот свет.
Автомобилскиот сообраќај во некои делови од центарот на Љубљана сега е далечно минато. Идејата за градски центар без автомобили започна да се развива во 2007 година кога започна реновирањето на улиците и плоштадите со цел да се обезбеди повеќе простор за пешаците и велосипедистите и постепено воведување забрана за сообраќај за моторни возила.
Поранешните паркинзи за автомобили се претворени во јавни површини кои служат за собирање на граѓаните и организирање разни настани, Благодарение на тоа, повеќе од 10 хектари од централниот дел на градот денес се наменети исклучиво за пешаци и велосипедисти.
За време на постепеното воведување забрана за автмобилски сообраќај во центарот на градот, градската управа на Љубљана да им го олесни пристапот на граѓаните, а урбанистичкото планирање на центарот беше преиспитано. Градската администрација особено го охрабрува возењето велосипед секогаш кога е можно, вклучително и преку сопствениот јавен bike sharing систем.
Во пешачката зона во центарот на градот, жителите и посетителите можат да ја користат бесплатната услуга на малите електрични возила наречени „Кавалир“ во текот на целата година, кои можат да се возат до саканата локација. Бесплатно возење можат да користат максимум пет патници истовремено, а „кавалирите“ не следат однапред дефинирани правци и запирања, туку го прилагодуваат возењето на потребите на патниците. До крајот на 2017 година, кога нивниот број беше зголемен на шест, „кавалирите“ превезуваа повеќе од 1,2 милиони патници.
Победнички пример за урбана екологија
Петнаесет години по почетокот на спроведувањето на овие мерки, жителите на Љубљана, како и нејзините посетители, очигледно се задоволни од „зелената“ трансформација на градот. Како што истакнуваат некои светски медиуми, како Forbes и неодамна неколку француски списанија, „жителите на Љубљана јасно слушаат песна од птици и звук од шушкањето лисја на ветрот, што е луксуз познат за многу мал број жители на европски и светски градови. “ Урбаната екологија, покрај подобрениот квалитет на воздухот и намалување на бучавата во центарот на градот, забраната за сообраќај на автомобили и проширувањето на пешачката зона, секако, придонесе и за бизнисот на продавниците.
Европска зелена престолнина
Покрај тоа, Љубљана е првиот европски „Нула отпад“ град. Главниот град на Словенија може да се пофали со највисока стапка на селектирање на отпадот од домаќинствата во Европската Унија, а создавањето на отпад е значително намалено со поттикнување на образование, рециклирање и повторна употреба. Дополнително, до 2025 година, Љубљана има намера да ја зголеми стапката на посебно собирање отпад и да го намали количеството на комунален отпад до 60 кг по лице годишно. Населението во Љубљана се охрабрува да ја зачува животната средина, да го оддели отпадот и да го фрли на планирани локации, но и да избегне употреба на пластика за еднократна употреба, употреба на платнени кеси и шишиња за вода за повеќекратна употреба благодарение на мрежата од повеќе од 40 точки со бесплатна вода за пиење. Сѐ на сѐ, Љубљана станува град со зголемен квалитет на живот, на чиј успех му се восхитува целиот свет.