Градежните работи во трговскиот центар „Скопје ист гејт“ привршуваат, и многу наскоро се очекува негово свечено пуштање во употреба. Ова денеска со „Утрински брифинг“ го изјави главниот извршен директор на трговскиот, Игор Давков.
Отворањето на трговскиот во услови на пандемија за менаџментот не претставува причина за страв од неуспех, ниту пак причина за страв од ширење на ковид вирусот.
Неговите очекувања се дека „Скопје ист гејт“ ќе вработи околу 2500 луѓе, а ќе има годишен приход од околу 120 милиони евра.
– 58 000 метри квадратни е нето површината за изнајмување, со тоа ние се позиционираме во еден од најголемите трговски центри во регионот, од рангот на „Белградска галерија“ и „Парадајс“ во Софија. Самата големина и миксот на закупци дава квалитет кој ќе придонесе за привлекување на посетители и од регионот, а со тоа ќе даде придонесе и во зголемување на економијата во државата. Таргет ќе ни бидат и патниците кои транзитираат по рутата Е75. Трговскиот центар ќе креира околу 2500 нови вработувања, рече Давков.
Во трговскиот ќе има 40 нови брендови кои за првпат влегуваат на територијата на Македонија. Ги исполнува сите стандарди за евакуација на посетители. Има два главни влеза за пешаци и подземна гаража со четири влеза и три излеза, како и осум евакуациони скалишни јадра. Трговскиот е на две нивоа, а содржините за забава се на вториот кат. Ќе има кино со осум сали, од брендот Синеплекс, фитнес центар, и игротека на површина од 700 М2. Очекувањата се дека трговскиот ќе има 120 милиони евра годишен приход.