Најсилната кошаркарска лига во светот, НБА, го легализираше користењето марихуана за играчите кои од оваа сезона повеќе нема да бидат тестирани за оваа супстанција, пренесува Адријан Војнаровски.
НБА веќе не ја смета марихуаната за нелегална супстанција, а Унијата на играчи (NBPA) му потврди на овој американски новинар дека НБА лигата повеќе нема да има случајни тестови за марихуана, што значи дека буквално им е дадена дозвола на играчите да ја користат.
Јасно, ова не значи дека после ова сите други супстанции се дозволени и Војнаровски пренесува дека ќе се продолжи со тестирање за борба против употребата на супстанции кои поттикнуваат подобра игра на спортистите (стероиди), како и употреба на други наркотици.
„Се договоривме со Сојузот на играчи за продолжување на суспензијата на случајно тестирање марихуана за сезоната 2021-22 и ќе ја фокусираме нашата програма на тестирање производи што ги подобруваат перформансите, како и лекови“, рече портпаролот на НБА лигата, Мајк Бас.
Декриминализацијата на марихуаната со години е главна тема на ниво на американска влада, а локалните медиуми пишуваат дека американскиот спринтер Шакари Ричардсон бил изоставен од списокот за Олимпијадата по позитивниот тест за марихуана.
На крајот, се наведува дека повеќе од половина американски држави го декриминализирале поседувањето на мали количини марихуана.
Извор: kajgana.com