Работодавачите во Македонија годишно трошат повеќе од 30 работни часови (31,5) за да вработат или да отпуштат работници. Тоа е огромен бирократски товар, покажува истражувањето спроведено во шест земји минатата година.
Блиску до нас е Шпанија со 30,75 часа, а најдобра е Литванија, каде што за овие бирократски процедури се потребни само 3,75 часа. Во Италија, Чешка и во Словачка времето минато пред шалтерите за оваа цел се движи меѓу 9,45 часа (Италија), па сè до 17,25 часа (Словачка). За 2020 година пресметките покажуваат дека едно мало претпријатие во Република Македонија троши 153.475 часа годишно за исполнување на своите бирократски обврски/законски должности. Тоа се околу 19 дена во годината, односно 45 обврски што претпријатијата треба да ги исполнат на годишно ниво.
Индексот на бирократија, кој е пресметан во рамките на проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“, користи меѓународно потврдена методологија за мерење (квантификација) на бирократијата и непотребниот административен товар што им се наметнува на претпријатијата. Во 2020 година за првпат во Македонија беше спроведен и пресметан Индексот на бирократија.
– Најмногу бирократски товар носи „Вработувањето и отпуштањето од работа“, кој опфаќа обврски за вработување и отпуштање, претходните и периодичните здравствени прегледи и почетната обука за безбедност и здравје на работа (БЗР) кои значително придонесуваат во бирократскиот товар – објаснува истражувањето.
Регулативата што била анализирана е поделена во 4 групи и подрачја на пресметка – работни односи, оперативно работење, категорија друго и обврски/трошоци поврзани со промената на законската регулатива. Главните подобрувања во делот на работните односи се намалување на повеќе обврски за известување, односно нивно спојување во еден чекор. Во подгрупата „плати, даноци и придонеси“, тоа е постигнато со воведување на системот за плати преку т.н. „Месечна пресметка за интегрирана наплата“ (МПИН). Македонија, во споредба со другите земји, е поефикасна во спроведувањето обврски врз основа на „работење и известување“.
Исти закони, а секој ги толкува како му одговара!
Претставниците од македонските претпријатија најмногу се жалат на кратките рокови за усогласување без соодветни насоки и упатства или доцнење на државните органи во обезбедување услови за спроведување или промени што значително ги менуваат условите за работа.
Во одредени случаи, правилници и упатства за примена на некое ново или изменето законско решение се носат по почетокот на примената на законот или измената на законот. Сепак, најголем дел од поплаките се однесуваат на толкувањата, односно различните толкувања на државните органи и инспекции на законите и прописите. Најчесто посочуван пример е дека мислењата издадени од УЈП содржат оградување дека мислењето нема правна сила, дека не може да се употреби на суд и слично и дека секој инспектор има право на свое мислење и толкување.