Оваа и следната година, во пензија заминуваат над 100 професионални возачи на ЈСП а слична е ситуацијата и кај приватните автобуски превозници. Од синдикатот на работниците од сообраќајот велат дека најбарана професија во Европа во моментов се возачите а малкуте професионални возачи кои ги има во земјава го користат моментот и се иселуваат барајќи подобри услови за живот и работа.
”Главна причина за одливот на возачи со Ц и Д категорија е недостигот на возачи во земјите на ЕУ. Голема побарувачка со подобри услови, и најважното солидни плати. Меѓу последните во регионот сме со месечни примања и тоа секако е главната причина а потоа и иселувањето. Наскоро ова ќе биде државен проблем за кој треба длабока експертиза и мерки како тоа во побрз рок да се надмине”, велат од ССМ.
Со речиси идентичен проблем се соочува и Германија, Белгија, а сега и Англија. Нудат поволни услови со што ги преземаат возачите и од Балканот, па и по тој основ се намалува бројот на квалитетни професионални возачи. Во исто време во нашата држава веќе 20 години нема стручна школа за возач ( средни технички школи) и не постои некоја мерка или стимулација за привлекување на лица кои би можеле да се преквалификуваат.
Просечната возраст на возачите е околу 50 години. Младите се незаинтересирани за полагање за професонална дозвола, нововработените возачи се во поодминати години а проблемот не го решава ниту увозот на работници. Освен недостигот на возачи, огромен административен проблем за транспортните компании е неможноста возачите да извадат сертификат за професионална компетентост без кој не можат да возат во странство.
Извор: lokalno.mk