Една од најголемите руски авиокомпании „Нордвинд“ најави дека од 2022 година, по точно 20 години пауза, повторно ќе ги поврзе Охрид и Москва со чартер лет, два пати неделно.
Како што соопшти Агенијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), интересот на руските туристи е генерално насочен кон културниот и верскиот туризам, но во последно време доминира интересот за специјализирани кратки одмори, до 4 дена, во кои руските туристи би имале полна агенда. Ено-гастро туризмот е нешто за што веќе има интерес и резервации, а веднаш зад него е активниот туризам, посебно параглајдингот.
Според АППТ, со воспоставување на редовна директна воздушна линија Скопје – Москва се овозможува и полесна соработка на сите полиња, а посебно важно е дека ќе се зголеми просечниот престој на туристите од Руската Федерација од 2,2 дена на минимум четири дена и ќе продолжи трендот на пораст на туристи од овој пазар, кој пред корона кризата растел со 13 отсто на годишно ниво.
Со директната линија Скопје – Москва се отвора можност за соработка со еден од најголемите пазари. Она што е карактеристично за оваа авио-компанија се флексибилните авионски билети, опции за лојалност и распоредот на летови, што овозможува полесно движење на туристите кои сакаат да патуваат индивидуално, но и оние кои ќе одлучат тоа да го сторат со посредништво од туристичка агенција, велат од Агенцијата.
Извор: skopskoeho.mk