Проектот за пробни четиридневни работни недели во Исланд беше „исклучително успешен“, а многу вработени се согласни за скратување на работното време, покажа истражувањето.
Истражувањето е спроведено во четиригодишен период од 2015 до 2019 година, а работниците земале исти плати иако работното време им било скратено.
Продуктивноста на вработените останала иста, па дури и зголемена на повеќето работни места, покажуваат резултатите од истражувањето.
По Исланд, слични проекти започнаа и во други земји низ светот, како Шпанија или Нов Зеланд.
Во Исланд, Градскиот совет на Рејкјавик и националната влада учествуваа во овој проект.
Околу 2.500 вработени беа опфатени со ова истражување, што е приближно еден процент од вкупната работна сила на Исланд.
Многумина од нив одлучиле да ја скратат работната недела од 40 на 35 или 36 часа, тврдат истражувачите од британската организација Автономија и Исландското здружение за одржлива демократија (Алда).
Пилот – проектот исто така ги наведе синдикатите да преговараат за нови модели на работа.
Како резултат на тоа, 86 отсто од вкупната работна сила во Исланд сега се префрлила на работа со скратено работно време, или наскоро ќе се стекне со право на тоа, според истражувањето.
Вработените тврдат дека сега се под помал стрес, како и дека ризикот од преморување поради деловните обврски е помал.
Вил Стронг, директор за истражување во британската организација Автономија, рече:
„Оваа студија покажува дека најголемото истражување во светот за скратување на работната недела во јавниот сектор е успешно во секоја смисла.
Јавниот сектор е подготвен да биде пионер на проектот за пократки работни недели.
„Владите на другите земји можат многу да научат од резултатите од ова истражување“, рече Стронг.
Гудмундур Харалдсон, истражувач во исландската организација Алда, рече:
„Овој проект во Исланд ни покажа дека, не само што е можно помалку да се работи овие денови, туку дека можеме да ги промениме работите на подобро.
Сличен проект беше лансиран и во Шпанија, делумно поради предизвиците што ги носи пандемијата на корона вирусот.
И компанијата Унилевер од Нов Зеланд, како дел од пилот-проектот, им даде можност на вработените да го намалат работното време за 20 отсто, без да влијае на нивните плати.
Во мај, извештајот објавен како дел од кампањата „4-дневна недела“ сугерираше дека скратувањето на работното време, исто така, може да има влијание врз намалувањето на емисиите на јаглерод.