Жените извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. Жените секој ден трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата од нивните партнери
Стереотипна родова поделба
Официјалната статистика според спроведените анкети за користење на времето, ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа, додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, во просек 70,9% од времето поминато на работа за мажите се компензира со плаќање, додека само 37,6% од времето што жените го поминуваат на работа е платено.
Доколку неплатената работа за грижа од страна на жените се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од речиси две милијарди евра или точно 1,917,895,508 евра. „Имајќи го предвид сето ова, време е конечно да ја препознаеме вредноста на неплатената грижа и да почнеме да се грижиме за неформалната економија на грижа“, се наведува во студијата.
Балансирање на одговорностите
Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките така и на татковците.
Студијата потврдува дека се неопходни итни промени во националното законодавство и законите треба подобро да го препознаат споделеното родителско отсуство што ќе им гарантира и на жените и на мажите право на родителско отсуство заради грижа околу децата во раните месеци, а се акцентира и неопходноста од воведување на родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата. Ваквите политики можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата.
Закони и механизми
Законот за еднакви можности на жените и мажите ги обврзува јавните институции да обезбедат еднакви права и можности за жените и мажите и да ги интегрира родовите прашања во нивните политики, стратегии и буџети, преку конкретни мерки за намалување на родовата нееднаквост. И покрај значајните законски промени, родовите јазови и нееднаквостите и понатаму постојат на сите нивоа. Ова првенствено се должи на патријахалниот општествен дискурс кој преовладува во различните сфери на животот. Ние сме земја која се карактеризира со силен традиционален модел на поделба на родовите улоги. Мажите генерално се сметаат за оние кои треба да заработуваат, додека жените во најдобар случај можат да допринесат со дополнителна заработувачка. Жените, исто така, ја имаат клучната улога во поглед на грижата и воспитувањето на децата.
Според статистичките податоци на Еуростат, во земјата жените се далеку економски понеактивен дел од населението, т.е. приближно 45% од работоспособните жени во земјата не се ниту вработени ниту бараат работа. Повеќе од половината од овие работоспособни жени не бараат работа заради семејни обврски и/или обврски поврзани со грижа. Од друга страна, само околу 4% од неактивните мажи не бараат работа од истата причина.