Едно од најчестите прашања што си ги поставуваат луѓето што сакаат да стават соларни панели на домовите е колку панели се потребни за целото домаќинство. „Соларна енергија“ пресметува колку соларни панели се потребни за снабдување со енергија на еден просечен дом со бојлер, електричен шпорет, фрижидер, машина за перење алишта, телевизор, компјутер, десетина светилки итн.
Најголеми потрошувачи на електрична енергија во домот се термалните потрошувачи, односно бојлерот и електричниот шпорет, а потоа машината за перење алишта и фрижидерот. Од друга страна, телевизорот, компјутерите и полначите за телефон најмалку трошат електрична енергија.
Доколку сакате да видите колку електрична енергија трошат вашите уреди, тоа може да го откриете од ознаката на задната страна на уредот. Според класи, уредите со знак А+++ се енергетски најефикасни и користат најмалку електрична енергија, а потоа следуваат уредите од класите А++, А+, А, Б, Ц итн.
Кога вградувате самостоен фотонапонски систем, тоа значи дека не сте зависни од мрежата и може да трошите само толку електрична енергија колку што ќе произведете. Пресметувањето на потребна електрична енергија се прави со множење на моќноста на секој уред со бројот на работни часови во текот на денот. На крајот се собираат сумите за сите уреди и се добива потребата за електрична енергија на домаќинството.
На пример, бојлер со моќност од 2.000 вати кој дневно е вклучен 3 часа троши 6.000 ват-часа електрична енергија дневно.
Според просечни податоци за електрична енергија што ги трошат овие уреди, се добиваат 12.750 ват-часа, односно 12,75 киловат-часа, дневно за домаќинството.
Еден просечен соларен панел во просек ефективно работи 4-5 часа дневно и произведува 1,125 киловат-часа енергија. Тоа значи дека за просечно домаќинство се потребни 12 соларни панели. Освен соларните панели, потребни се и соларни батерии и инвертор.