Една и пол година откако доби ново срце, Иван Огњановски повторно е на државната кардиохирургија. Но не како пациент туку вработен во администрацијата на клиниката.
Разнесувам пошта кога има, средувам документи за архива, во административниот дел сум, вели Иван Огњановски.
Овој 55 годишен скопјанец е првиот пациент на кого му беше направена трансплантација на срце во земјата но и прв случај по престој во болничка соба да премине како дел од работниот персонал. Тимот на кардиохирургија кои му дадоа втор живот, повторно ги отворија вратите за Иван.
Иван влезе во историјата на нашата клиника и во историјата на кардиохирургијата во земјата. Енергијата со која тој му пристапува на животот после операцијата е на едно високо ниво така да тоа е преточено и во неговите работни ангажмани и сите на кардиохирургија се задоволни од неговата работа, вели Д-р. Александар Колев, кардиохирург Клиника за кардиохирургија
Иван вели дека на работа доаѓа прв и има време да пие кафе пред да дојдат неговите колеги. Здравствено се чувствува одлично и заборавил на периодот кога не можел да направи ниту два чекори.
Одлично се чуствувам. Ова срце и короната ја издржа, ја преживеа, вели Иван.
Огњановски заврши како вработен на кардиохирургија откако претходно го одбиле за инвалидска пензија иако ги исполнувал условите. Сега кога се движи со моторот го познаваат сите.
-Не само на кардиохирургија, цела државна болница ме знае. Имам предност не дозволуваат да чекам ако има гужви, вели Иван.
Во градите на Иван чука срцето на Емилија Динева од Дојран чии опругот и децата го направија најхуманиот чин и ги донираа органите за спас на други пациенти. Сега Огњановски и Диневи функционираат како големо семејство.
На 22 мај 2020 во ноќните часови, 54 годишниот Иван Огњановски влезе во операционата сала на државната кардиохирургија. По трансплантацијата во неговите гради зачука ново срце и почна пишувањето на историјата во македонското здравство.
Останав и без работа, не сакаа повторно да ме вратат во градежниот сектор бидејќи во моите лекарски извештаи стои дека сум 100 проценти инвалид.
Пропаднаа и сите силни обиди да добијам инвалидска пензија, а откако и тоа не бидна, професорот Сашко Јовев ми предложи да работам на Кардиохирургија. Сега работам во администрација на Клиниката за кардиохирургија, и опкружен сум со луѓето кои целосно ми го променија животот. Прво ми го продолжија, а сега ми го прават и многу подобар, поубав, поквалитетен. Се движам постојано, не застанувам., изјави Иван.