Во ФЕНИ Индустри во тек е вработување на повеќе од 30 лица. Се бараат инженери, електричари, механичари, ракувачи на градежни машини, оператори, техничари и други струки.
Од компанијата информираат дека заради потребите на ГСОЛ/ Еуроникел, комбинатот ги проширува своите капацитети што наметнува потреба од зголемување на бројот на вработени и дополнителен ангажман на работна сила и покрај тоа што технички фабриката сè уште е во стечај.
Оттаму додаваат дека откако ГСОЛ/ЕуроНикел го рестартираше производството во ФЕНИ Индустри, сите вработени ги задржаа своите работни места и започна континуирано да бележи подобрување на општата состојба и позитивни промени.
- Отворањето нови работни места е уште еден во низата силни и фактички показатели дека ФЕНИ е на пат повторно да го стекне својот статус на голем капацитет за производство на фероникел. Вложивме многу и инвестиравме за да дојдеме до овие резултати, а сето досегашно направено и постигнато е само преодна фаза. Со планот за реорганизација предвидени се крупни инвестиции кои ќе дадат дополнителен поттик на производниот процес и уште повеќе ќе ја осигураат иднината за комбинатот и ќе ги задоволат очекувањата на вработените и на целокупната заедница, изјави Герасим Кујунџиев, директор на ЕуроНикел.
Во соопштението истакнуваат дека Комбинатот е во полн производен капацитет со една производна линија, извозот континуирано расте, на вработените редовно им се исплаќа плата која што во просек изнесува 29.000 денари, а од компанијата најавуваат и дополнително зголемување. Вработените се надеваат на што побрзо комплетирање на стечајната постапка, за што јасно го искажаа својот став на последното судско рочиште и влегување во новата светла фаза која му претстои на ФЕНИ.
Во соопштението оценуваат дека со потпишувањето на договорот за закуп започна процесот за успешно рестартирање на ФЕНИ, со што ГСОЛ/ ЕуроНикел инвестираше повеќе од 60 милиони евра и со откупување на побарувањата стана најголем доверител во кавадаречката компанија, а инвестираше и дополнителни 20 милиони евра за рестарт на компанијата. Интересите на ГСОЛ/ ЕуроНикел, како што наведуваат, се поткрепени и со планот за реорганизација според кој во следниот период планирана е дополнителна инвестиција од 15 до 20 милиони евра во реконструкција на втората печка, а нејзиното рестартирање ќе ги зголеми производствените капацитети и норми од 19.000 до 21.000 тони никел годишно. Составен дел од планот за реорганизација се и натамошни инвестиции, зголемувањето на платите на вработените, но и на бројот на вработени, извозна експанзија и проширување на пазарите за пласман.
ГСОЛ, стои во соопштението, преку своето претставништво ЕуроНикел планира да го врати некогашниот статус на ФЕНИ – најголем производител на фероникел во Европа.
извор: sitel.com.mk