Шведската влада финансира „експериментален уметнички проект“ во кој на среќникот му нуди до крајот на работниот век да зема плата од 2.060 евра месечно, за палење и гасење на светлото двапати дневно.
„Вработените“ ќе мора да одат на железничката станица и да ја вметнат својата картичка, по што светлото над платформата за патници ќе го означи доаѓањето на овој многу важен и корисен работник на работа!? После тоа, може да оди и да прави што сака се додека се врати на крајот од „смената“ да ја извади картичката и да го исклучи светлото. Ќе можат да дадат отказ кога сакаат, а „работата“ им е загарантирана се додека не се вработат на друго место. Загарантирани се и годишни зголемувања, плаќање придонеси, годишен одмор и пензија.
Наградата за победничкиот дизајн изнесува околу 667 илјади евра, а двајцата „уметници“ кои се сетиле на ова предложиле наградата да се потроши за проект наречен „Вечно вработување“.
Вечноста во овој случај значи 120 години плата за оваа клучна „работа“, а мозоците кои стојат зад проектот, Сајмон Голдин и Јакоб Сенеби, сметаат дека има 75 отсто шанси да можат да платат „заработка“ од овој фонд со годишен пораст од 3,2 отсто.
Одборот задолжен за одлучување за победникот на натпреварот бил воодушевен од идејата, наспроти големиот број политичари од различни партии кои сметаат дека се работи за фрлање пари на даночните обврзници. Некои мислат дека проектот е едноставно глупав и безвреден, со што се согласуваат дури и неговите креатори, објаснувајќи дека токму тоа сакале да го постигнат.
Заинтересираните на конкурсот за оваа многу одговорна функција ќе можат да се пријават само една година пред завршувањето на изградбата на железничката станица, која се очекува да биде во 2026 година.