Откако почна пандемијата на коронавирусот, и граѓаните во малиот град на Истокот, Пехчево многу почесто ја посетуваат библиотеката „Кочо Рацин“, која е најстара во овој дел од Македонија, и датира од 1924 година.
Бројот на читатели се зголемил за 10 отсто, откако вирусот се прошири во земјава и до ден денес „коси“, така што социјалните контакти се намалени во однос на минатото. Во ваков амбиент граѓаните почесто се дружат со книгите. Читаат од најмлади до најстари. Меѓу читателите има професори, лекари, нотари, ученици, пензионери, буквално луѓе од секакви профили и возрасти.
„Ние сме најмала и најстара библиотека во Источна Македонија. Буквално како кутија, и веќе немаме простор каде да ги ставаме книгите, затоа што имаме фонд од 20.000 книги, што не е малку ако се земе в предвид дека општината има до 5.000 жители. Имаме читатели од различни профили. Најстарата читателка ни е во деветтата деценија од животот. Купуваме постојано она што е ново, но најчесто по еден примерок, затоа што сепак сме мала библиотека“, вели директорката Костадинова.
Јаворка Постоловска, психолог кој работи во Пехчево и Берово објаснува дека поради пандемијата има промена на активностите кои луѓето ги практикуваат во слободно време.
„Луѓето се свртени кои индивидуални активности кои не вклучуваат поширок круг на луѓе. Гледаат времето да им биде исполнето со читање на добра книга. Забележувам дека учениците, дали се послаби или подобри ученици, дури и ако со мака ги читаат лектирите, сепак сакаат слободна литература, психолошки книги, книги за самопомош“, изјави Постоловска.
Откако почна пандемијата, во многу библиотеки ширум Македонија е зголемен бројот на читатели. Библиотекарите овој тренд го оценуваат како позитивен. Веќе две години живееме во пандемиски услови, а во земјава почна и новиот бран на коронавирусот.