Кога ќе се спомне Македонска Каменица, односно Саса веднаш на асоцијација ви доаѓа еден од најголемите рудници во нашата држава, но овде сите не се рудар, а доказ за тоа е Ратко.
Многумина од вас веројатно не слушнале за селото Костин Дол кое се наоѓа во областа Осоговија, во североисточниот дел на Општина Македонска Каменица. Селото има полјоделско - шумарска функција. Во рамките на селскиот атар преовладуваат шумите по што следуваат обработливото земјиште.
Токму на ова подрачје, селото Костин Дол, Ратко Захариевски од селото Саса во Македонска Каменица веќе три години произведува шафран, најскапиот и најбараниот зачин во светот.
Тој е единствениот кој го произведува ова „црвено злато“ во Македонија. Го прашавме како дошол до идејата да произведува шафран.
„Идејата дојде од децата, тие се во Швајцарија, виделе на интернет, изразија желба да земеме и да посадиме. Го набавивме од Холандија, со транспорт, превоз, со царини, сѐ што требаше, ги изоравме нивите, ги заградивме и почнавме да работиме. Работиме трета година и сме презадоволни од производот“, вели Ратко.
Ратко одгледува шафран на 3,5 декари, а инвестицијата со транспорт и царина го чинела 6.000 евра за 30.000 луковици. Ратко вели дека шафранот не бара посебни услови за одгледување, успева на пониски места, единствен услов е во нивата да нема многу трева.
Вели дека околу производството на шафран нема мнгоу работа бидејќи тоа е култура која одлично се адаптира и на ниски температури и во период на високи температури и суша. Исто така не треба и ѓубрење.
„Некаде отприлика за еден декар површина е потребно околу 10 илјади луковици, кои, бидејќи шафранот е триплодно растение, за наредните три години ќе станат сто илјади.
Веќе во четвртата година се постигнува родот, а после тоа следната година мора да се смени парцелата и на нејзино место да се засади друга култура, а луковиците да се пресадат на друга нива. Нивата се заорува и се израмнува како за садењепченка, а садењето се врши рачно“, објаснува Захариевски.
Шафранот го берат 25 дена секој ден. Го сушат, го складираат во тегли херметички затворени и така го транспортираат. Секоја година сѐ повеќе и повеќе се размножува. Четвртата година го вадат, го класираат и повторно го садат. Шафранот го садат на 15 август, а од 1 ноември почнуваат со берба.
„Го береме рачно и внимателно да не се ошт етат прашниците и цветовите, потоа ги ставаме во плетени кошници или дрвени гајби, кои го носиме дома, ги ставаме на маса и полека го истресуваме правот од прашниците.
За еден грам се потребни некаде околу 150 цветови, додека за еден килограм зачин шафран се потребни и до 200.000 цветови“, објаснува нашиот соговорник.
Интересно е што шафранот цвета многу краток период и тоа само три недели во текот на годината. Цената зависи од повеќе фактори. Ратко вели дека е задоволен и од квалитетот и од квантитетот, од 3,5 декари набрал 1 кг шафран, што е одлично затоа што ако се земе предвид дека цената на килограм од овој зачин изнесува од 18-20.000 евра тогаш заработката е одлична. Шафранот има поинаков животен циклус од другите растенија, во пролет го снемува, а во септември, кога ќе се појават дождовите и тој се појавува.
Што се однесува до пласманот, Ратко вели дека може да го продаде единствено во странство а, едно четворочлено семејство може убаво да живее од одгледување на шафран. Во иднина Ратко планира да го прошири производството, а ги поттикнува и сите заинтересирани да почнат да произведуваат шафран. Тој е на располагање да помогне, да ги подучи и да им покаже што треба.